Колумни
Читачка криза на Светскиот ден на книгата…
Сѐ поблиску сме до неповратна загуба на читачката кондиција!
Задолжително читање заради обврски нема врска со естетското задоволство кога се чита од љубопитност, порив, љубов, а сѐ поретко од стекната читачка навика. Читањето на „популарна“ литература е далеку од автентична култура на читање. Медиумите и интернетот, не така полека колку сигурно, станаа господари на слободното време на сиромашниот свет…Не материјално колку духовно осиромашениот свет.
Книгата веќе одамна не ни е најдобриот пријател туку обврска и напор да се стаса до целта која ги оправдува средствата во вид на оценка, сертификат, диплома… па се до последната цел – продавање на пазарот на трудот.
Престижот да се стане писател, поет, умотворец во име на популарноста е за поздрав во овие хиперпопулистички времиња, но не и гаранција за вонвременоста на пишаниот збор со уметничка вредност. Цензурата и книжевната критика како да не умеат да го фатат брзиот ритам на „брзоплетото“ печатење и издавање книги. Времето ќе ја потврди и нивната вредност, само да ни се врати читачкото време кога книгата била фетиш и задоволство.
Масовноста на медиумите и новата информатичка технологија буквално ги исфрлија книгите од полиците како дел од традиционалната култура. На книгите им се заканува опасност од исчезнување и стануваат ретка врста во изумирање и покрај големите комерцијални Саеми на книги, зашто ако од стомина само тројца имаат читачка навика суштината е „прочитана“.
Вината за читачката криза не е само во семејството и системот туку и во нашето (не) залагање како наставници и „прилагодувањето“ на новите образовни реформи. Книгата се чита со душа и тело, се влегува и излегува од неа, книгата не е принуда, морање, уценување… таа е живо суштество кое не оживува и кога сме духовно мртви. Без љубопитноста да се почувствува волшебноста на страниците, со векови наназад опипувани и преживувани од читачите на сите времиња и дестинации, нема естетско задоволство. Животот во интернет мрежите е пајакова мрежа каде е уловен примитивизмот на еден затворен систем. Тривијалната естрада на вулгарниот кич, сензационализмот на ниските страсти без етика и естетика, надмоќно го манипулираат светот во кој нема место за емотивно задлабочување и катарзично преживување на читачкото волшепство.
Нема никогаш да ја заборавам сликата, кога се возев во подземните метроа на Москва далечната 1988 година, како рускиот народ дур се вози на ескалаторите чита книги… Ние немаме толку долги ескалатори, но имаме библиотеки, во кои кога ќе стапнете се слуша екот од празнина… Читачки викенд!