Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Црно бел свет…

Колумни

Црно бел свет…

Колку и да посакуваме „La vie en rose“, сѐ уште се играме „Црно бели свет“ на Даворин Боговиќ од „Прљаво казалиште“.

Талентот игра по сопствен избор и ритам, не игра како му свират, театарот не смее да се извалка со дневните политики, гледачот мора да излезе поубав по претставата, тоа е катарза за која уште Аристотел пишувал. Но ако веќе мора да се игра како што ни свират, барем да имаме добри свирачи… А сѐ почесто наместо свирачи слушаме свиркачи и од животот направивме контрасти, поделба на црно и бело, добро и лошо, често и оксиморонски поделби на паметни морони, убави грдотии, професионални аматери и други какафонии.

Животот го поделивме на успех и неуспех релативизирајќи ги и двете во крајности, а всушност се комплементарни и се надополнуваат оти на еден успех му претходат илјада неуспеси, една победа исто толку порази. Чуму тогаш таков антагонизам во перцепциите, како да сме чипувани со или – или, или те има или те нема ако си неуспешен, забораваме на претходните успеси и победи, меморијата сака да ни складира само порази и негативности, сака да ги кине конците со минатите постигнувања.

Колку пати ни се случува да ги глорифицираме победите на јавните личности од било која професија и да ги сатанизириме кога губат. На едно мало дете кога ќе му ја скриете омилената играчка за кусо време ја заборава и се заигрува со нова, затоа што мисли дека веќе ја нема, не постои. Но тоа е мало дете и дозволено му е да се игра за да порасне. Јавноста не е дете и недолично е така да се однесува, да заборава со кого пораснала и созреала. На успехот сѐ му е подредено, но никому не му се случува така лесно, до целта многу труд, вложувања и одрекувања, многу учење и стекнување знаења, вештини и способности.

Колективната свест туѓиот успех си го припишува себеси, но туѓиот неуспех без пардон му го враќа на „неуспешниот“ дистанцирајќи се од него за да не се доведеме до инфериорност и комплекс на пониска вредност. Каква суета, таа ни е најголемиот видливо невидлив непријател, господинот Оксиморон , Д-р Џекил и Мистер Хајд, бивалентен кога ќе му се пристори дека секогаш е во право и кога не е.

Китењето со туѓи пердуви е маскараден чин во нашето секојдневие кое заличува на маскенбал без повод, причина и временска рамка. Оној кој нема лична вредност, се вреднува низ симбиоза со успешните припишувајќи си ги нивните успеси, но со иста сила ги отфрла нивните неуспеси. Сведоци сме на таквиот поделен, расцепен , искинат свет во сите општествени сфери, политика, естрада или кафеана, реалити емисии, фб препукувања или улични случувања.

Дали е возможно поради моментална непријатна миризба (смрдеа) засекогаш да си го затнеме носот и да се одрекнеме од сетилото за мирис? Не, затоа што повторно под носот ќе почувствуваме пријатни дразби и миризби, исто како и со љубовта, колку и да е болна и непријатна на моменти, не и го вртиме грбот затоа што ќе дојдат поубави моменти…

Светот не е само црно и бело, има најмалку педесет нијанси на сиво, а живото ќе ни стане розов кога ќе научиме да се радуваме на туѓите успеси зад кои стојат многу неуспеси.

Успешна работна седмица и покрај маглата која симболизира неизвесност , извесно ни е успешно неделно попладне со синестезија од сите сетила, бои, мириси и дразби , ако се потрудиме!

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.