Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Да водиме љубов 2019 пати!

Колумни

Да водиме љубов 2019 пати!

Без желби, посакувања, мечтаења и сништа , ни реалноста не би била реална, како што кажаа париските студенти во 1968 година „бидете реални – барајте го невозможното“ !

Како поинаку би се стремеле кон нештата , ако за нив претходно не сме фантазирале? Но, умееме ли да ги контролираме посакувањата? Оние кои умеат да уживаат во малите нешта, да прават од нив ритуали, знаат дека емоционално е неисплативо, сите желби да се стават на самиот врв на Новата година – врвот сепак има само една точка, исто како и врвот на новогодишната елка еден украс. Сепак по новогодишната ноќ, веќе полудена од секојдневното лудило, доаѓа вистинската нова година, ново лудило…

Од посакувања до остварувања широк е патот, ни треба многу трудољубие и среќа, па нека ни е „трудна“ и среќна наредната Нова година , со седум мали симболични нешта :

1.БАКНЕТЕ СЕ – Бакнете го саканото суштество во образот, устата…Со синестезија од сите сетила, тоа е симбол за љубовен почеток на годината. Без љубов нема среќенпочеток !

2.РАЗДОЛЖЕТЕ СЕ – Секако не да се издолжите на креветот, туку таму каде должите било што, со товарот на долгови не се влегува во Нова година. Товарот на долговите не ветува добар почеток!

3.ПОДНОВЕТЕ СЕ – Пропорционално со потребите и приходите ставете врз себе нешто ново, (нека се и нов чифт чорапи, долна облека по можност црвена, како симбол на нови среќни љубовни моменти. Нова љубов во Новата година!

4.НЕ ПОЗАЈМУВАЈТЕ ПАРИ – На 1 јануари не позајмувајте пари – ако верувате во малери !

5.ПРВИОТ ГОСТИН ВО ВАШИОТ ДОМ – Добро дојдена личност во која верувате и која умее да ве усреќи ( ако ви sвони некој непожелен, не отворајте ) !

6.НЕ КРШЕТЕ – Многу често кршиме чаши дур славиме ( чинии со звукот на сиртаки), но постои верување дека не треба да се крши инвентарот каде што славите. Ако ви е мерак да кршите, скршете го мразот за нова средба или за во чаша виски !

7.БЛАЖЕНИ И СРЕЌНИ НА 1 ЈАНУАРИ – Такви да бидеме цела година, ако ни се може !

Тоа се верувања во кои не мора да веруваме, но симболиката на новогодишната ноќ е во обновувањето на годината, на животот, на смислата за постоење. Разните обичаи ги влечат корените од далечното минато, лудата ноќ се прославувала уште во древната Месопотамија, 2000 п.н.е. , а Римјаните секоја година го менувале календарот со новиот владетел ( секоја владеење свое календарувања, а сега секоја власт нови закони и закани).

Многу легенди се преплетуваат околу китењето на елките, како легендата за англискиот монах Св. Бонифас кој при едно патување пресретнал група неверници, собрани околу стар даб да жртвуваат дете. Бонифас го искорнал дабот, а на негово место изникнала мала елка – дрво на животот кое денеска се кити низ целиот свет. Првиот стаклен новогодишен украс е произведен во Германија, 1830 година, под име „кугелс“ , а најдолгата прослава ја имаат Кинезите кои ја слават Новата година дури 15 дена ( секако, Кинезите слават и работат истовремено ).

Данците имаат обичај да кршат стари чинии пред прагот на куќата, Италијанците го исфрлаат стариот мебел и покуќнината, Латиноамериканците еуфорично купуваат интимни алишта за најлудата ноќ. Бразилците својата новогодишна ноќ ја дочекуваат на плажа, прескокнувајќи седум бранови и фрлајќи цвеќиња во океанот, а Шпанците на секое отчукување на часовникот јадат по едно зрно грозд… Секој со своите обичаи , традиции и културни навики , исто како и со имињата на Дедо Мраз, некаде Папа Ноел, некаде Санта Клуз, а знае да се вика и Божиќ Бата. Во 1824 година прв пат е илустриран во книгата на Клемент Мур, како дедо во црвена бунда и бела брада. За неговиот денешен изглед заслужен е уметникот Хадон Сандблум, кој 1931 година ќе го нацрта за потребите на кока- кола рекламите.

Како и да е, се ближи времето на помислување желби, сонување, остварување цели, правење списоци за подароци и новогодишна трпеза. Предновогодишната еуфорија за некого е стрес и нервоза, сообраќаен метеж, шалтерски егзибиции, многу музика малку пари за „свадбарски прослави“ , глумење лудило, а сè е веќе полудено… На оние, погоре напишаните седум верувања, еве уште седум важни моменти како кондиционен тренинг за спречување стрес:

1.Не брзајте, брзината е сојузник на стресот!

2.Одбегнувајте возење со автомобил, возење низ сообраќаен метеж е стрес! Секаква асоцијација со советот на таткото на градот е само асоцијација .

3.Бегајте од гужви, бучави, преполни продавници и нервозни касиерки !

4.Сработете ги работите полека, една по една, никако сè одеднаш – тоа е стрес !

5.Не трудете се да бидете најдобри во сè – невозможно е !

6.Не помислувајте да си ја смените телесната тежина непосредно пред лудата ноќ, оти ќе полудите од немоќта!

7.Изолирајте се од политика и од сè што се сервира преку медиумите! Сервирајте традиционална и домаќинска новогодишна трпеза, а вечерта поминете ја скромно со најблиските, за да ја споделите и впиете љубовта .

Лудилото нека ни трае само за време на „лудата ноќ“ – да влеземе во 2019 –та со здрав разум, ако го има макар и во облик на мрвки под празната трпеза!

Да се радуваме на малите нешта, да пронајдеме уште сили во себе и да ВОДИМЕ ЉУБОВ со животот 2019 пати во Новата 2019-та!!! Почнуваме со одбројувањето на сите непријатни моменти и збогување со нив …

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.