Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Колумни

Ден потоа…

ФОТО: Мики Трајковски - Манца

Ден потоа…

Ден поТОА… Тоа е ТОА што се чека цела година, како пустината дождот, рибарот риба, ветерницата ветрот, покерашот покер, коцкарот џек пот… Тоа е ТОА што се очекува, а потоа се раскажува, прераскажува, докажува… ТОА за што се прашува и распрашува, додава, филмува и филува со остатоците од народната трпеза после која мора звучно да се подригне за полесно да се свари и преработи во последниот продукт на метаболизмот.

Ден по осмомартовската еуфорија…Празни маси и чаши, празни цвеќарници и продавници, празни паричници…Што после испиените голтки, дегустираните залаци, распакуваните амбалажи, отпатуваните дестинации, одиграните игри без граници… Одеднаш, толку многу внимание еден суптилен стомак тешко вари!

Повод за текстов е по повод 8 Март, празник за кој ама ич немам инспирација да пишувам, нo вдахновението го пронајдов во стиховите на стариот добар и неповторлив монмартовец , Жак Превер кој вели вака:

„Кој ден сме денеска? Ние сме сите денови пријателке моја. Ние сме целиот живот љубов моја. Ние се сакаме и ние живееме, и не знаеме што е тоа ден, и не знаеме што е тоа живот, и не знаеме што е тоа љубов.“

Стиховите на Превер излегле од неговата поетска и боемска душа кога сопругата тажно го погледнала мислејќи дека заборавил да и го честита празникот. Да, немал никаков подарок во рацете, но во истиот момент и ги подарил стиховите и себе си со очи полни љубов.

Тоа е ТОА што ни треба во реалноста, после тоа, ден потоа… По празничната еуфорија, која мажите ја слават по кафеани во име на жените, ни треба поглед полн со љубов во текот на целиот месец март, во текот на останатите месеци, години, времиња. Љубовта во погледот кажува повеќе од сите глаголувања, покажува повеќе од сите дејствувања, погледот е онаа мала искра на возбуда повозбудлива од сиот хедонизам на светов.

Погледот полн со љубов е гласна тишина која те тера да вреснеш од задоволство како во оргазмичен транс. Ете толку и треба на една сензибилна жена, толку малку, а толку тешко за одржување. Љубовта во погледот е луксуз во овој материјален свет кога с,е може да се купи, поткупи и продаде како инстант купопродажен договор на дело!

Посветено на сите сензибилни жени!

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.