Епа многу се ЛАЖЕМЕ
Вирулентноста на лагите е загрижувачка, капацитетот на подносливост преполнет, се шири на сите страни и меридијани, нема лек ни за лек!
Сеприсутноста на лагата како единствен начин за доживување вистина, стана императив на едно манипулаторско и ,, блеферско” општество. Лагата е јавна алатка на моќниците за нивните игри без граници и трговија со човечките души, но и на обичните смртници станува условен рефлекс за преживување или начин на делување. Некому нужност, некому карактерна особина и патолошка зависност, некому ,,бела лага” како еуфемистички начин да не го повредиме ,,излажаниот” и така во недоглед безброј нијанси невистини.
Невистина или лага, стилски изразена како литота, станува поприсутна и почесто користена од нелагата или вистината, па се навикнаве на лажењето како на животен стил, лажам за да живеам и преживеам. Без вистина се може, но без лаги никако или во духот на Паскал ,, говорење на вистина е навлекување на омраза врз себе “. Без оглед на искреноста и вистинољубието, ние возрасните лажеме и од куртуазност, лицемерие е и кога ќе прашаш некого ,,како е”, а всушност баш ти е гајле. Само малите деца не лажат, го немаат тој потенцијал, но затоа имаа богата фантазија и тогаш се многу слатки. Првите детски лаги се резултат на погрешно воспитување, страв од казни, одбранбен механизам на децата да не бидат карани и sвоно на тревога за преиспитување на родителите. Од друга страна, искуството на старите луѓе не дозволува лаги, освен ако не се резултат на склероза.
Најчеста лага е разликата помеѓу она што го правиме и она што кажуваме дека го правиме! Убедени во сопствено мислење кое се коси со стварноста е залажување, а една од најтешките философски прашања е прашањето за објективната стварност. Впрочем, најголемото слепило е кога гледаш нешто кое го нема. А кога некој , во име на искреноста, ќе ти ја каже вистината со која ќе те разочара и загрижи, си олеснува себе , но те загрижува тебе, неговиот ,,товар” ќе го носиш на својот грб. Затоа внимателно со лагите, но и со непријатна искреност, иако ништо поубаво од искреност, кога едноставно ти се може да кажеш сѐ, а никого да не повредиш. Тоа е привилегија на морално исправните, тоа се оние сѐ поретки возвишени луѓе кои понекогаш ,,небото ги испраќа во сиромашни колиби, како што и во кралските дворови понекогаш се раѓаат такви што заслужуваат поскоро да чуваат свињи отколку да владеат “ – Бокачо во ,,Декамерон”.
Моралот се менува, полека но сигурно и никој никого не може да принуди на морално однесување.Човек сам треба да одлучи да се однесува морално, да изгради морални цели на кои се обврзува, поради личноста што ја сака или поради Господ. Ако тоа го прави само заради мирна совест, тогаш е хипокрит, лицемерец кој јавно брани ставови кои лично не ги застапува, лажејќи ги сите и залажувајќи се себеси. Најпознатите книжевни лажговци и измамници како Барон Минхаузен, Ревизор на Гогољ и Тартиф на Молиер, добија жестока конкуренција во светот на политичарите, само што нивните измами и лаги немаат уметничка вредност.