Колумни
Интелектуалната елита „заскита“!
Еден од нашите парадокси е што сме немоќни јасно да го видиме тоа што ни е многу блиску , а го гледаме тоа што е далеку од нас, како што пишува проф. Венко Андоновски во романот „Вештица“ човекот не може да ја види мувата на врвот од носот, но го гледа сонцето…
Мувата ја чувствуваме, ни пречи, ја ишкаме, но не ја гледаме јасно како сонцето. Така сме немоќни да ја видиме и сегашноста, сето она што во моментов не опкружува, не го гледаме животот пред себе туку зад себе, минатото ни е појасно од сегашноста, а визијата или поглед во иднината, е доблест на малкумина, на вистинската интелектуална елита.
Во времето на комунистичкиот монизам почнуваат првите препнувања на интелектуалците, оние што нема да станат и повторно да се исправат стануваат глувонеми апологети, без немир, без сомнежи, без прашалници за да го одбегнат конфликтот кој би им го урнисал комфорот или конформизмот на нивното време.
Како политички полтрони, адвокати на нацијата кои го штитат националниот интерес ќе се престорат во примитивна елита на национален шовинизам и со таков став ќе им станат ментори на тогашните политичари. Тоа се слабостите од минатото на кои сакаме да заборавиме и уморни од таквите дефекти во системот посакавме да се осамостоиме како нација со своја интелектуална елита.
Не сакам ни да помислам дека историјата или минатото се повторуваат, дека истите повампирени националисти и квази интелектуалци се тука околу нас, ја ишкам мувата и гледам во сонцето кое над Македонија е најубаво, особено во октомври кога „заскитува“ зад хоризонтот за да ни покаже колку студи кога не грее …
Убав остаток од сончевиот ден, интелектуалци од сите елити обединете се за доброто на оваа слатка земја!