Изгубени идеали
Од УРИВАЊЕто на првата кула од песок, кога ќе ти ја згазне завидливото другарче, преку уривањето на пријателства, соништа, љубови, па сѐ до уривање покрив над главата, човекот се навикнува на урнисување, разнебитување.
Но ниедно уривање не е подеструктивно од уривање на идеалите – кога ги губиш, ја губиш смислата за постоење, енергијата да санираш и повторно да градиш. Кога ги губиш идеалите во циклуси од наметнати илузии, се затвораш во кругот на изгубени илузии. Не признаваме и ,,да нѐ тепаат”, дека на младата генерација ние возрасните им ја наметнавме излитената фраза од еден минат циклус наметнати илузии, ,,за идеале гину будале”, како горчлива голтка, изветвена од сѐ поголемите материјалистички апетити за престиж.
На помладата генерација им е непоимливо градење патишта и пруги за ударничка значка. Обновување на разрушена земја од војни и од земјотреси без умисла за личен интерес, беше светол идеал во минатото и сѐ додека траеше еуфоријата на идеалот за колективизација и братство – единство, патем дур грабаше привилигираниот поединец, остатокот работничка класа дремливо се задоволуваше со фабрички јутра, 60 квадрати и еднонеделен одмор на ,,наше море”. Да ги слушнете сега младите за нивните идеали, кои за волја на вистината, ние им ги наметнавме, ќе се изгубите во личното патетично соочување дека сте една идеолошки извеана вејка на ветрот, издувана од бранот на материјалистичкиот цунами. Значките на ударниците од денешна перспектива значат удар во идеолошки разочараната глава.
Сепак, живот без идеали е безсмисленост која го разнишува и урива претходно изграденото. Ниту треба да идеализираме, ниту да губиме идеали. Напротив, треба да се бараат и откриваат во најобичните нешта. Идеали се мали и големи генијалности во нашето секојдневие, играње во песок со цел, дури и кога ветрот ќе ти ги запраши очите. Чекорење, возење спроти ветрот, танцување по асфалтот… Идеал е да станеш родител, идеал е да станеш научник, идеал е да останеш човек во нечовечно време. Човек со идеали е полн со идеи, реализиран во многу предизвици кои сам си ги гради низ животот, било лекар, пекар или аптекар…
Но најсветиот идеал е СЛОБОДАта, таа е како воздух, не ти недостасува дур го дишеш (кмакар и загаден). Кога ја губиш слободата, во било која смисла, тогаш животот ти е кула од песок која може да ја згазне случаен минувач.Тогаш те надвладува СТРАВ. Не треба да се идеализираат нештата и луѓето, да се верува во погрешни, наметнати идоли и идеологии, но без идеали животот е долго разочарување, чекорење во место, беспредметно очекување, неделување, бездејствие, невротичност и депресија.
Ја осетивме сите голготата на изолацијата, на затворот под отворено небо, на немоќта пред болест и смрт, но и на идеалот да се остане жив и нормален, доволно за указ дека најприоритетниот човечки идеал е животот, слободен ЖИВОТ.