Колумни
Ленин Јовановски – Одличен (5,0)!
7.7.2017 година, година на многу премрежија, некому мајка, некому маќеа но секому важна. Интересна е датата, содржи три седмици, омилениот број на лото играчите.
Сите убави приказни почнуваат со реченицата: „ Зад 7 планини, 7 мора и 7 долини…“ Не постои цивилизација или религија без присутноста на бројот 7, впрочем и Господ го создал светот за 7 дена. Бројот 7 значи сеопфатна присутност, совршенство, број на божји дела, на комплетност и послушност, ги содржи броевите 3 и 4 , што значи ги содржи светото тројство и сеопфатноста.
Не случајно имаме 7 денови во седмицата, 7 sвезди, 7 сфери, 7 степени на усовршување и 7 круни во библијата. Добро, во приказните имаме и седум џуџиња, но во историјата 7 секретари на СКОЈ , а во поезијата Гане Тодоровски седум пати не навраќа кон мотивот трепетлика и повторно не растреперува. Адам седмиот ден ја добива Ева, Царот Соломон го гради храмот за 7 години, а Исус во евангелието по Матеј нахранил илјадници гладни луѓе со 7 парчиња леб. 7 смртни гревови , но исто толку и доблести го гнасат и красат човекот.
Од Ноевата арка спасени се 7 животни. Хипократ забележал дека бројот 7 со своите тајни сили ги одржува нештата во постоење, го одржува животот во кој , многу често ние жените, посакуваме да сме на 7 небо. На ближниот свој треба да му простиш не 7 , туку 77 пати!
Денеска, на овој датум сакаме да му го честитаме педесеттиот роденден на пријателот на popularno.mk , Ленин Јовановски, за одличен успех (5,0) и примерно поведение во текот на својот пет децениски животен век , и една деценија достоен лидер на мото клубот Ноќни Волци Македонија.
Моторџиски е да се возиш на две тркала и да се натпреваруваш со ветрот, волчешки е инстиктивно да се бориш за опстанокот чувајќи ја својата глутница, но пред с,е човечки е храбро и со верба во подобри времиња, да правиш добро за секого во секое време. Зад себе многу успеси но и порази, очекувања, постигнувања но и разочарувања, добивки и загуби, радости и болки, но и патот низ животот е како возењето низ угорнини и удолнини , со нескротлив ентузијазам за она што е пред тебе, докажувајќи на дело дека НВ Македонија е бренд што не се купува , туку заслужува.
Оправдано присутни во сите општествени сфери , докажаа дека црната кожна јакна не е симбол на мачоизам туку на 7 доблести како храброст, хуманост, лојалност, чесност, братство, правдољубие и православие. Културата на управувањето со мотор е должност , одговорност и совесност, исто како и општествените ангажмани на НВ кои се култура на однесување, да се помогне на послабиот и немоќниот, на децата со аутистичен спектар на однесување, на слепите лица и дијабетичарите, да се биде на местото на настанот кога некому му се потребни физичка и морална поддршка, кога водените стихии ќе ги поплават огништата во татковината и во соседствата, Ноќните Волци помагаат.
Авторитетот и довербата што ги ужива клубот се докажани, популарноста не е само поради познанството со претседателот Путин и перцепцијата за семоќ и севлијателност, туку напротив, нивната моќ е сестраноста и сеприсутноста, со еден збор сеопфатноста, токму како и магијата на бројот 7. НВ Македонија често се канети на важни општествени и државни настани. Го пречекаа, придружуваа и испратија епископот Тихон Егоревски, викар на патријархот Кирил Московски и на цела Русија, во јавноста познат како духовен отец на претседателот Путин.
Оправдано присутни и поканети на сите поважни општествени збиднувања од меѓународен карактер, отворањето на конзуларни претставништва во и надвор од Македонија, присутни на дипломатски настани во Руската, Бугарската, Српската, Унгарската и Германската амбасада. За време на претседателскиот мандат на МФМ , посетата и спектакуларниот пречек на Ленин во Доха – Катар беше потврда дека и мото – спортот и Мото Федерацијата на Македонија може да бидат амбасадори на својата држава, облечени во непротоколарен но автентичен моторџиски стил. Па малку ли е за да те препознаат како патриотски клуб ?
Popularno.mk со посебен пиетет ги следеше сите поважни настани и активности на Ноќните Волци, кои учествуваа и во најголемата светска волонтерска акција „ Часот на планетата Земја“ симболично исклучувајќи ги фаровите од своите мотори заедно со уште 178 држави низ светот.
Вклучени секаде каде се поканети и добродојдени, со своите ставови и принципи се изборија против општествените предрасуди и митови за „лошите диви момци“ , се докажаа како професионално реализирани граѓани , исклучително грижливи семејни луѓе и добронамерни пријатели.
Среќен одличен ( 5,0) роденден Ленин Јовановски, влезот во шестата деценија нека ти биде мирен и мудар, отвори ги портите на тие што те разбраа, прости им на тие што не те разбраа, но во наредните децении не слушај кој чука на порта – sирни низ шпиунка пред да отвориш ☺ И верувај во силата на трите седмици во датата на твојот педесети роденден!
Со љубов и почит, популарно.мк .