Љубовта е љубов!
Љубовта е љубов, не ѝ требаат паради! Сѐ подраматично во чекалната на ЕУ. Едно исто повторливо сценарио на ултиматуми, контроли и очекувања, само што драмата ,,Чекајќи го Годо на ЕУ” е без уметничка вредност. Навистина ќе биде уметност да се остане нормален и свој на своето, да добиеш без да изгубиш во сѐ поизвесната манипулација.
Зборуваме за солидаризација и хумани вредности, ама по нечии туѓи критериуми, од кои изгледа ќе ни останат само паради. Тие што зборуваат и се повикуваат на солидарност и хуманост, само на тоа и остануваат, на парадни зборови. Во моментов, ништо позагрозено од јазикот наш насушен, му се нафрлија како хиени на ранета жртва. Ние не сме хомофобични, ние сме јазикојадачи, глотофагуси.
Од парадите на „гордоста“ Оскар Вајлд би се посрамил! Како голем интелектуалец и нормален хомосексуалец (оти и кај нив, како и кај стрејт луѓето има нормални и ненормални) не ја криел својата сексуална ориентација, шармантно и на своја сметка знаел да се пошегува. Кога го прашале на граница што има да пријави, им одговорил: ,,ништо, освен себе и својата хомосексуалност”. Генијалец, со визија за хумано општество и солидаризација со различни од себе. Сосема доволни за достоинственост ( што би рекле ,,прауд”) се култура на однесување, должна почит кон легитимноста на правото за различност, интелектуална и духовна реализираност преку општествена одговорност и хуманост.
Човек кој твори, создава дела, живее со хуманистичките начела на добар човек, нема потреба од паради без оглед дали е геј или стрејт. Љубовта, сама по себе, не сака покажување, јавност, помпезност, не бара никакви права оти ги има сите права на светот. Им правиме лоша услуга на хомосексуалците, по ништо поразлични од стрејт луѓето, освен по својата сексуална орентација која не е ниту болест, ниту проблем, ниту тема за парадност. Нека се живи и здрави! Правиме драми без уметничка вредност, кому му се полезни?
,,Несвесна, контролна драма е потреба постојано да привлекуваш туѓо внимание и да драматизираш за да црпиш туѓа енергија. Повторувајќи едно исто сценарио, една иста драма, манипулираме и крадеме туѓа енергија. Луѓето кои користат вакво оружје за добивање енергија, во драмата имаат улога на испитувачи. Поставуваат прашања и го испитуваат животот на другиот со цел да најдат нешто што не чини, некоја негова слабост.Кога ќе успеат во тоа, го критикуваат токму тој аспект од неговиот живот и го вовлекуваат во драма.Тогаш испитуваните, стануваат збунети во присуство на испитувачот, почнуваат да водат грижа што тој мисли или работи, трудејќи се да не направат нешто погрешно, што би го вознемирило испитувачот. Таквата психичка попустливост на испитаникот, му ја дава посакуваната енергија на испитувачот. Манипулаторите можат и агресивно, директно да бараат внимание од другите луѓе, но и индиректно, покажувајќи заинтересираност кон другите но секогаш со цел да привлечат внимание врз себе. Во нивна близина секогаш сте во позиција да се браните, докажувате дека не е така како што тие тврдат дека е. Ќе ве убедуваат дека никогаш не сте направиле доволно за нив, наметнувајќи ви чувство на вина…“ – извадоци од романот ,,Целестинско пророштво” на Џејмс Редфилд, шестиот увид