Колумни
Моменти на добрини добро делуваат
„Вештината да се биде себичен саможивник, тврд, непријатен и нељубезен лик кој секогаш во преден план го става личниот интерес е стара вештина, усовршувана кај паланечките трговци и збогатени провинцијалци…” – Иво Андриќ во расказот ,,Породична слика” , преку ликот на госпа Ната.
Типични ликови на егоисти, скржавци како Чорбаџи Теодос или трговецот Гранде, самобендисани до немоќ објективно да си го видат ликот во огледало притоа лутејќи му се на светот, живеат во реалноста и се шират како вирус. Покондирани и нељубезни ликови има во секое време, вешто се ,,прикриваат” преку атрибутите на материјалниот и статусен успех – но неуспешно се справуваат со ситни гестови кои ги издаваат, особено кога се на мака.
Ликуваат на туѓ неуспех себедозирајќи си ја изгубена самодоверба и недостаток на емоционална интелигенција кои ништо материјално не може да ги надокнади. Се одродивме од добрина, ја отселивме од срцата. Не разбираме ни зошто некој би нѝ учинил добрина, а да не бара ништо за возврат. Толку не ѝ веруваме на добрината да и во добрите луѓе гледаме лицемерие, ласцивност или глумење добрина, оти немаме капацитет да ја препознаеме, не е дел од нас. Врв на емоционалната интелигенција е добрината!
Најубавото срце е доброто срце кое во сѐ гледа со добри очи. Да си го подобриме секојдневието уживајќи во добри моменти, тие се сѐ што имаме на земниот живот. Добро здравје и добар летен распуст на најдобрите луѓе на светот – децата ❤