Колумни
Небиднина…
Подобро чесно да пропаднам отколку да победам на нечесен начин“ – максима на мудриот Сократ кој знаел дека ништо не знае и учел до крајот на животот.
Мудроста, чесноста, скромноста, пожртвуваноста и одговорноста полека но сигурно стануваат архаизми, празна реторика и атрибути на некој ликови од минатото. Се смени матрицата и за убаво воспитаните деца (кои никому не му упаѓаат во зборот, знаат да се извинат, користат префинети манири и никогаш не го компромитираат авторитетот на родителите), сега се здодевни и неуспешни луѓе, често исфрустрирани токму поради својата стекната култура која во ова време не поминува низ портите на триумфот ( ако триумфот или успехот се мерат со материјални вредности).
Сепак, еден квалитетен и успешен човек работник, лидер во својата организација и пошироко, мора да биде динамичен трагач по идни решенија и идеи, секогаш ведар и расположен, храбар и прецизен во донесувањето на одлуките, а притоа воспитан за тимска работа при која никогаш не тргнува од своето его и не користи „јас“ туку „ние“. Неговата најголема доблест е што признава грешки, а заслугите и пофалбите ги споделува со други. Успехот не е само во разбирањето и прифаќањето на промени, туку и поттикнување на истите во корист на колективот.
Прифаќање на волонтерската работа, креативноста, учењето и осознавањето од подобрите, без материјална сатисфакција е чист локал патриотизам , кој на глобално ниво станува вистинско родољубие. Да си ја љубиш родината, како лидер кој обединува почитувајќи ги универзалните вредности , не е само себедефинирање како патриот, туку многу, многу повеќе, многу вложувања во државата без ултиматумот на личниот интерес.
Личен интерес и патриотизам се дијаметрално спротивни поими, нивната суштина е различна како поезија и проза, север и југ , небо и земја… Додека едните сами за себе се изјаснуваат дека се патриоти , другите посветено си ја работат работата која најчесто не им е платена, третите ја користат ситуацијата за лични интереси, а на четвртите или кои и да се по ред, бог знае што им е во главата. Овие вторите, кое едно сурово материјалистичко општество ги препознава како неуспешни ( не успеале да создадат капитал) се последните Мохиканци кои ќе останат родољубиви до последен здив или денар. Квалитетниот и чесен работник, било да е шеф, директор, министер, премиер или претседател (сите се работни позиции) работи за плата и хонорари стекнати со сопствен труд и не помислува да се збогати на туѓа сметка , особено не на штета на државата.
Каде исчезнаа таквите работници и лидери , патриоти на кои татковинското знаме им е постела, мајчиниот јазик мајка, македонската песна химна, а македонскиот устав библија?
Без оглед што живееме во мултиетничко општество, како државјани на една и единствена држава , нејзините обележја на сите ни се приоритет, прво и примарно чувство на припадност, а јазикот наш насушен ни е сакрамент!
Останува празна реторика, до некој идни времиња, некаде во Небиднината…