Колумни
Оној кој љуби…
„Оној кој љуби побожествен е од љубениот“ – Томас Ман во романот „Смрт во Венеција“. Но оној, кој се убива во име на љубовта не му е мил на Бога. Самоубиството поради несреќна љубов не секогаш е во облик на физичко самоелиминирање , не секогаш е страдање како на младиот Вертер во епистоларниот роман на Гете , ниту како очајот на несреќните љубовници во Шекспировите трагедии…
Невозвратената љубов е отров што перманентно убива и усмртува пред смртта. Така страдаа Татјана и Онегин во романот на Пушкин „Евгениј Онегин“ , не можеа во исто време да си ги разменат емоциите и страдаа првин таа па тој, а потоа обајцата во очајот на една невозвратена љубов во вистински час.
Тоа е и причината за многу љубовни маки, разминувањето на времето и местото. Невозможноста на привидно возможното го крши срцето на парчиња, а такво раздробено срце тешко повторно целосно да засака и да се предаде.
Тешко, но не и невозможно, оти љубовта раѓа возможности и кога најмалку се надеваш, спонтана и парадоксална, често во расчекор меѓу разумот и срцето. И кој може да се спаси од несреќна љубов, оној кој знае многу да сака сигурно би страдал, а оној кој не знае би преживеал без љубов?
Одговорот е невозможен, колку и мерката за љубов, невозможна да се премери и одреди нејзинито количество. Па сепак, постојат природни и спонтани детектори „љубометри“ кои работат на база на инстинкт и импулс, научно недокажани, често без конкретни факти, но не можеме да замижиме пред нив оти и на сон се пројавуваат.
Човек, едноставно и природно осеќа кога е сакан и ништо посекси од спонтаноста, кога ќе осетиш нешто од душата и ќе си го кажеш, ќе кажеш дека сакаш или не сакаш, дека си љубоморен или не си, дека сакаш да разговараш и кога е време на молчење, да признаеш неверство и да се покаеш… Тоа е љубов, спонтаноста е љубов, таа не знае ни да калкулира ни да манипулира. А неверствата се стара и болна тема, опстојуваат низ сите времиња, религии, забрани и закони, за нив се испишани томови книги, научни трудови и никој не може да ги одгатне или осуди. Парадоксално, но неверствата се вечни колку и љубовта, ја ставаат на искушение, но не секој има трпение како спасение по искушение… Што го турка човекот во туѓа прегратка дури и кога ја има како нежна и сигурна?
Многу различни ставови, едни сметаат дека со неверството, духовната и физичка врска меѓу партнерите засекогаш е раскината, други дека не е непоправливо ако се признае и покаже покајување, како услов за подобрување на врската.
Од двете крајности излегуваат уште многу нијанси во стилот „нема неверство дур не те фатат на дело“ , „жените изневеруваат со емоции – мажите со кондоми“ ( не баш, инаку ќе немаше инфекции и болештини), „најчести се неверствата првите години од бракот, но и во средни години“ …што значи се мамат сите и во секое време, но зошто?!
Еден од најпознатите секс зависници Тајгер Вудс докажал на дело дека неверствата му се резултат на патолошка промискуитетност и побарал да се лекува (бар си признал). Промискуитетноста е генетска предиспозиција ако веруваме во Дарвиновата теорија за еволуција, веројатно е да се случи барем еднаш или неколку пати во тек на животот, но ако постојано се практикува со зголемување на едноцифрени во двоцифрени броеви, а да не коментираме за троцифрени, веќе е зависност.
Обично партнерите последни дознаваат за неверстото, па сепак психотерапевтите сметаат дека постои несвесно знаење за неверството (она кога се знае, но се игнорира заради одржување на „мир“ во куќа, финансиска сигурност, двоен морал и безброј други оправдувања).
Но факт е дека неверството и сомнежите ја ставаат љубовта на маки, на тешки искушенија, вознемируваат, здоболуваат и оставаат последици, а колку и какви , зависи од емоционалната интелигенција, карактерот, воспитувањето и „љубомерот“ на силата на љубовта кон неверниот партнер.
ОНОЈ КОЈ ЉУБИ знае и да прости!