Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Политиканти, критизери и други суплементи…

Колумни

Политиканти, критизери и други суплементи…

Кога интелектуалецот ќе се одрекне од автентичната улогата на бранител на универзални вредности, неговата „големина“ се смалува, се собира како шангриската кожа од истоимениот роман на генијалниот француски реалист Балзак.

Заменувањето на човечката за магарешка кожа, продавањето на ѓаволот за сладострастен живот, е виза за влез во некој од круговите во „Пеколот“ на Данте Алигиери, или тврдоглава игра по туѓ такт, баш како магаре без слух на мост.

Улогата на политичарите станува сеприсутна, севажечка и себламирачка, за жал. Политичките страсти ја доживуваат својата кулминација, врв на драматичност, после која следуваат низа перипетија но и одложен расплет, недефиниран и патетичен крај на рати и камати…А нели крајот делото го краси ( гнаси)?

Францускиот мислител Жилиен Бенд во есејот „Предавство на интелектуалците“ уште во 1927 година предупредува дека доаѓа времето на интелектуалци кои наместо универзални вредности ќе застапуваат лични, национални, расни или класни идеи во пакет со екстремизми од секаков вид. Идеите на хуманизмот ќе се заменат со утилитарен реализам и светот ќе крвари подводен од фашизмот во Втората светска војна.

Но тоа се минати времиња, да не чепкаме по минатото оти интелектуалецот мора да има визија за иднина, на општествата им требаат политичари интелектуалци , а не политичари политиканти. Но како да ги препознаеме вистинските интелектуалци, дојде време на масовна дипломанија, дипломоронци имаме и за извоз?

Овој век ќе го одвекуваме преокупирани со политика и политичари, светот се врти околу нив, а тие околу парите, што му доаѓа како силогизам, кај се парите таму се политичарите. Здравиот разум и рационалното поимање на вистините веќе не постојат, се удавија некаде низ медиумските поплави во кои давеникот наместо помош повторува: „отвори, отвори, отвори“, како да сака да се отворат портите на вистинската вистината ( оти вистини има многу, колку медиуми –толку вистини, колку луѓе – толку различни поимања на истата).

Така да, интелектуалците кои потпаѓаат под политички страсти, во комбинација со лаици, аматери, некомпетентни полтрони и оксиморони, прават анархија во име на хиреархија. Матрицата на едноумието, која ги препнуваше интелектуалците од комунистичкиот режим, од истите духови на такви ликови направи нови интелектуалци на кои им одговара ползечката позиција на паднат интелектуалец, оној чија автентична улога на бранител на универзални вредности доби нови вредности, суплементи, како вештачка замена за одржување на здравиот разум. Нека ни се на здравје политичарите, политикантите, критизерите, суплементите и сите останати хибриди во пакет!

Во надеж дека со љубов ќе ги надминеме сите премрежија и ќе излеземе од пајаковата мрежа како здрава нација, завршувам со слоганот “Водете љубов, а не политика. А кога веќе мора да се води политика – водете ја со љубов. “

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.