Колумни
Понирање во женската душа
На патот кон успехот мора да имате повеќе пријатели отколку непријатели и покрај тоа што туѓиот успех тешко се простува. Вистинскиот пријател ќе ви се радува на успехот и ќе биде крај вас и со вашиот неуспех. Но женскиот успех сѐ уште е под лупа, микроскопски се набљудува дали е ,,чист” и веродостоен!
Многу често користиме реторичка изрека дека ,,зад успешна жена стои успешен маж” ( или обратно). Дали секоја друга комбинација е осудена на неуспех и дали секогаш мора некој зад некого да стои, зарем не веруваме во самостојноста на женскиот свет? Факт е дека во еден сѐ уште машки свет, на една жена и е полесно ако има машки столб на кој може да се потпре, маж кој ќе ги разбере и почитува нејзините желби, амбиции, вештини и способности.
По тој трнлив пат до успехот, вообичаено жената ја прашуваат ,,кој”, а не ,,што” стои зад неа (прашалниците продолжуваат со малограѓанска реторика во стилот кој е крај неа, над неа, под неа…)! Ако жената без машка поддршка го изоди тој пат, претпоставка е дека го жртвувала својот женски сензибилитет и ,,машки ” стасала до целта.
Во име на предрасудите и ниските страсти претпоставуваме, а не ретко тргнувајќи од лични или туѓи искуства, во успехот на една жена бараме да препознаеме неморал, како да е невозможно поинаку (отруени од расипани мисли и чувства). Од друга страна, факт е дека моралот се губи пред моќта на парите и дека често пати заради преамбициозноста, зад која не стои трудољубие и посветеност туку жед за пари и слава по секоја цена, човекот ( било маж или жена) макијавелистички со сите расположиви средства брза да стаса до целта.
На тој пат нѐ издава брзината со која сме стасале до успехот и рецептот за успех панаѓурски е распродаден на општествениот пазар кој вреднува според стекнатиот капитал. Останува прашалникот ,,што е успех” и како се премерува? Рецепт за успешна жена , с’е уште нема, како ни рецепт за љубов, инаку докторите секојдневно би ги препишувале на рецепт. Не е успех ако зад трудот не стојат силни емоции и карактерни особини достојни за еден човек ( било маж или жена) со кои целиот живот и кариера посветено работи и мирно спие.
Во работата освен менаџерски способности треба и љубов, талент, посветеност, упорност и визија, секако ако успехот не се премерува само со стекнат капитал, оти не секогаш професионалната реализираност носи материјален бенефит.
Исто толку примитивни се и предрасудите дека човек ( било маж или жена) кој се закитил со материјални добра е неморален, нечесен и капиталот му е стекнат под сомнителни околности. И тоа се предрасуди и лажна утеха на завидливите и нереализираните по било кој основ.
Жената, особено на овие специфични по многу нешта балкански простори, како во гладијаторска арена мора да се избори со многу предрасуди, но никако да не заборави и на својата женскост и улогата на мајка – секоја семејна жена е веќе успешна за својот семеен микрокосмос со што допринесува во општеството и му го дарува најсветиот капитал – децата.
Таа е менаџер на семејството со многу професии: врвен кулинар, хигиеничар, воспитувач, не ретко електричар, градинар, такси служба, домашен лекар и психотерапевт, таа е ,,мултитаскинг” битие без кое не н’е бидува по дома. Ниту едно богатство не може да го замени благодетот од децата ( туѓи или свои сеедно) , најсигурната повратна инвестиција и неотуѓив капитал кој расте со годините пропорционално со личниот влог во нив. Децата ни се огледало , во нив го гледаме нашето вложување, депозит на нашиот труд и љубов и секако дека на една самостојна жена или самохрана мајка и е многу потешко без машки грб ( освен во случаи кога на грб го носи и мажот, тогаш и е најтешко). Ако жената успеала да се реализира и професионално, да биде самостојна како жена работник, што повеќе од атрибутот успешна жена ?
Затоа, ЖЕНИ, не откажувајте се од сништата, достоинствено носете ги вашите порази – тие трасираат пат кон победи, научете се да простувате затоа што колатералните жртви на вашиот успех нема да ви простат, ниту оние кои не умеат да понираат и да ја разберат женската душа.Предрасудите оставете им ги на оние кои имаат некаков пред -пред -пре(д)товар на душата пред да расудат со здрав разум.
Верувајте и на својата интуиција – привилегија на женскиот свет и најпривилигирано раѓајте и работете го она што ве исполнува!