Колумни
Простувањето е божествено
„Една од нашите најкобни слабости е желбата постојано да го носиш товарот што сакаш да го отфрлиш. Има ли нешто поглупо од тоа да се грозиш од себе, а да се чуваш себеси, да ја милуваш змијата што те јаде додека не ти го изеде срцето“ – Волтер во делото „Кандид“.
Исто како смирената љубов и простувањето има огромна сила, најсилна од сите, и нема рамна на светот. Набљудувај се секојдневно, секој ден и секој час изгледот да ти биде блажено смирен, убав, ангелски чист, од устата да ти се разлеваат добрини од доброто срце и душа. Да го сакаш грешниот е божја љубов и врв на љубовта земна! Но дали сме моќни да простуваме и да го заборавиме сопствениот и туѓиот грев, нанесена болка, неправда…?
Чувајќи го гневот во себе, се казнуваме и себе и својата околина, горчината ни се всадува во срцето и како горчлив пелин ни ја труе душата, „како змија во гробно комарче ни се вовлекува во свеста “ – стих од песната на Конески „Болен Дојчин“.
Да простиш значи да оздравиш, да полеташ, да се ослободиш и да ја живееш својата индивидуација. Крилјата на човекот се неговата милост и слобода, ако ги има блиску е до својата вистинска индивидуација, или себереализирање, нешто за кое најубаво е опишано во „Фауст“ на Гете и „Демиан“ на Хесе, патот на зрелоста како единствен пат кон личната слобода.
Но, духовната зрелост често е во расчекор со физичката зрелост, а да за тоа ни самите не сме свесни. Духовното зреење има свои процеси како и животот, а простувањето е избор на зрелите и реализираните. Зрелост е способност на човекот да сака ненаметливо, да прифаќа критики и да се бори против своите мани какви што се најчесто љубомора и завидливоста. Зрелост е да се прифатиш себеси но и остатокот од светот во сета своја различност.
Психолозите сметаат дека човекот има три лика : вистинскиот, оној за кој самиот е убеден дека го има и оној за кој другите го поимаат. Спонтаноста е зрелост, таа е ретка и драгоцена особина на едноставност, на разговорност, на комуникациски способности без предрасуди. Но, една зрела личност знае да се заштити од злонамерни, од сомнителни средини и култури, знае да разликува добро од зло и што може да промени , а за што мора да се прилагоди.
Зрелост е смисла за хумор, особено на своја сметка, човек кој се шегува знае и да сака. Креативноста најтешко се постигнува, но е својство на зрела личност затоа што остава белег, трага на тоа што го работи, било чевлар или писател. Зрелост е способност да ги контролираш своите нагони и импулси, да знаеш да изброиш до сто пред да повредиш некого, зашто кога ја исфлаш негативната енергија таа некаде се акумулира и пак ти се враќа во еден беспоштеден циклус на гнев и омраза. Зрелост е способност да поднесеш болка и непријатност, да си спремен за патење и надминување на истите. Зрелост е почитување на различни од себе, ралични култури, религии, националности, јазици, идентитети…
Но, никако не е зрелост, особено не е политичка зрелост, да правиш отстапки по цена на својот личен идентитет и државност под маска на демократија и добрососедство. Таквиот грев ни Господ не ќе ни го прости и боже прости им ако не знаат што прават!
Нека ни е простено на сите нас, зрели и незрели па кој каде ќе се пронајде – важно е да не се изгуби кон патот на својата индивидуација!
Ќе завршам инспирирана од зрелите дела на Волтер и Гете, со мислата дека нема ништо поглупо да се бориш за својата посебност или индивидуалност со векови наназад и да дојде време кога заоднапред ќе ја продадеш душата на Фауст, умислен дека правиш добро дело, исто како што патот низ пеколот е пат поплочен со добрини…