Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Први мај – ден на прасето!

Колумни

Први мај – ден на прасето!

Први мај – меѓународен ден на прасето (скарата), пардон, на работникот, залиен со цинизам кој се добива како микс од идеологијата на трудбеникот и театрологијата на неработникот.

Го славиме работникот во време на невработеноста, која ја крие својата статистичка вистина колку и жената годините (пак и се познаваат, колку и да ги крие)! Колку многу е пишувано за трудољубието и работливоста низ историјата…

Толстој бил најсреќен кога работел со селаните на поле, без оглед што бил со грофовско потекло. Балзак бил воркохолик, за 51 година животен век напишал циклус од стотина романи и раскази, а за работата велел дека е закон на уметноста и на животот. „Треба да се навикнеме да работиме и потоа нема да можеме да живееме без работа, с,е на светов зависи од неа“ -вели Луј Пастер, а Максим Горки сметал дека вистински херои се само оние кои сакаат и знаат да работат.

Го почитувам Хемингвеј не „само“ поради делата и Нобеловата награда, туку и поради максимата: „Секој се раѓа поради некакво дело и секој кој чекори по земја, мора да има свои обврски“. Трудот на нашите просветители е достојна за почит, Џинот во песната „Труд ми е името“ го става трудот на пиедестал пред мудроста и љубовта, зашто без труд нема ни мудрост, а ни љубов. Данте Алигиери мрзеливите ги става во петтиот круг од Пеколот, казнети да пливаат во кал како прасиња.

Во народните приказни и преданија, трудот се смета за најголемата човечка доблест, а Господ не благословил само со еден ден за одмор – сабат.

Работа, работа и само работа! Сепак, сакале да признаеме или не, реалната слика во светот за сегашната работничка класа е повеќе од цинична. Цинизам е и кога ја користиме излитената фраза дека „оној кој сака да работи ќе си најде работа и само мрзеливите одбиваат работа по секоја цена“. Но по која цена и за каква плата, може ли да се одржи достоинството на работникот ако работи само за храна (виното е за боговите) .

Клетниците на Виктор Иго клето не исчезнуваат од реалноста и историјата се повторува во поинакво руво, малку пософистицирано од минатите векови на суровиот капитализам. Последните три децении синдикатите ги снемува, а приватизацијата го става работникот во позиција на страв, несигурност и ултиматум , ако не сака – има кој сака за цинично мали плати и хонорари.

Синдикатите би требало подинамично во име на хуманоста да регрутираат нови луѓе во своите редови, а не да го губат членството заради својата тесноградост или во име на личен интерес. Синдикатите треба да делуваат независно и самостојно во рамките на системот, но системот е во масовна депресија и колективна хипноза поради стравот од губење работна позиција, оти можност за нова нема.

Оној момент, кога народот ќе сфати дека нештата може да се раздвижат на подобро само со сплотеност во ставот дека никој нема поголемо право и привилегија од нив, работите ќе се сработат.

Во меѓувреме, ако немате друга и попаметна работа, тогаш работете врз себе и „нек нам живи, живи рад, другови и другарице, па да распалимо скарице “!

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.