Колумни
Распуштени и опуштени…
Ослободени од општествена одговорност и свртени кон семејството, за време на годишниот одмор треба да си посветиме внимание едни на други со умешност на заемно уживање, секому да му е угодно и удобно, распуштени и опуштени!
За време на годишниот одмор (затоа така се вика) треба да одмориме од сѐ што не оптоварува. Нема временски ограничувања, состаноци, задолжителни средби, телефонски повици, глаголот ,,мораш” го заменуваме со ,,сакаш” и се звучи лежерно… Ако сакаш да станеш, сакаш да јадеш, сакаш да пливаш или сончаш, сакаш да прочиташ или напишеш нешто, сакаш да сакаш…
Ништо не мораш, освен да си ги платиш сметките за време на одморот.
Но ,,сметките” од семејни дисфункционалности се плаќаат хронично и долгорочно, затоа треба да се преиспитаме за семејните вредности баш за време на годишните одмори кога сме заедно со семејството. Здраво семејство значи прифатеност, сигурност, доверба, припадност и безусловна љубов во сите можни облици , за секој член подеднакво. Таквите семејства каде сите членови се чувствуваат удобно се функционални семејства кои знаат да се справат со секакви проблеми и стресови. Дисфункционалноста се појавува кога сопружниците не знаат да си ги хармонизираат двете најбитни улоги на родители и партнери. Кога постои асиметрија, често се случува еден од партнерите да се ,,жртвува” заради децата и да остане во заедница , што подоцна носи насобран товар на незадоволства и врз родителот , но и врз децата.
Како и да е, децата се секогаш жртви на родителите, не може да е обратно колку и да си умислуваме како родители дека сме се жртвувале за своите деца. Себичноста е видливо присутна кога еден член од семејството ( маж, жена, а понекогаш и дете) смета дека на сите останати членови треба да им е најважно како тој се чувствува. Таквата доминантност во семејството, кога сите треба да му удоволуваат само на еден член, на сите негови очекувања и барања, може многу лесно да стане изживување и наметнување чувства на вина кај останатите членови кои заради ,,лажниот” мир во семејството акумулираат фрустрации. Но и таквата ,,трпеливост” на привидна семејна функционалност, кога некому постојано му се премолчува и угодува за да се одбегнат конфликти е исто толку семејна дисхармонија.
Потискувањата и акумулирање на бол и бес подоцна ја наплатуваат својата мимикрија на среќа. Затоа, искористете го максимално времето за семејни дружби, размена на позитивни емоции, играјте се со вашите деца на било која возраст да се, поделете ги семејните обврски и одговорности подеднакво.
Доволни се десет такви денови за да се справите со сите стресови останатите 350 денови во една годината на општествени одговорни луѓе. Толку е силна семејната хармонија , вложениот труд е вашиот животен капитал и не заборавајте, децата сакаат да не гледаат среќни цела година, но за време на распустот имаат време да не анализираат и синтетизираат.
Затоа воздржете се од она што би ви пречело да го видите кај вашите деца. Распуштени и распуштеници, опуштено за време на распустот ;)