Колумни
Слепци
На продажба. Практичниот Ум. Никогаш употребен.
Бојана Корчагинова
За да ја разберете суштината на мотото на овој текст, неопходно е да знаете философија и литература. Би требало да го прочитате славниот етички спис на големиот философ Имануел Кант, Критика на практичниот ум и да ја знаете биографијата на Ернест Хемингвеј. А, за да го создадете овој краток расказ од шест збора, потребно е да имате аналитичко-синтетички и креативно-критички дух каков што има мојата драга ученичка Бојана; и да учите философија.
Овие денови мир не ми дава делото на Питер Бројгел Слепецот слепци води. Веројатно, Бројгел ја пронашол инспирацијата во Евангелието по Светиот Апостол Матеј, во параболата за слепите што слепи водат во која Христос говори за фарисеите. Некои критичари на ликовната уметност упатуваат на класичната литература којашто несомнено му била позната на Бројгел и реферираат на цитатот на римскиот поет Хоратиј „Caecus caeco dux“ како мотив за делото. Сликата на Питер Бројгел е совршен приказ на состојбите во Македонија – актуелни и минати. Се наметнува прашањето – Дали можеби водачите се оние кои свесно ги ослепуваат луѓето за да можат да ги водат? Но, како и да е, падот во бездната е неизбежен. А дали може да се спасат оние кои доаѓаат, оние кои сѐ уште гледаат?
Понудената Концепција за гимназиско образование е творба на анонимни луѓе кои или немаат знаење или свесно и тенденциозно сакаат да ја уништат младината. Или се незналци или се неморални. Трето, нема. Нужната импликација од реализацијата на Концепцијата е дистописко пребивање во темнината на незнаењето. Создавање луѓе-машини кои ќе делуваат согласно општествено наметнатите догми, инструирани во духот на совршен технократ со поданичка свест, лишен од дарот на критичкиот ум и на вдахнатото лудило. Предложениот курикулум на новата Концепција во целост ги деградира и апстрахира философијата и општествено-хуманистичките науки. Според творците на Концепцијата, тие се ирелевантни за модерниот човек.
За ова слепило ви зборувам. За Ојдип Тиранин кој имајќи очи не гледаше. Можеби, ако ги извадат очите, творците на Концепцијата ќе прогледаат и не ќе го убијат Тиресиј кој им ја објавува вистината.
Концепцијата претставува севкупност на логички грешки. Веројатно се правени токму зашто авторите не учеле логика. Логиката не е просто поседување рационална способност. Логиката е наука, целовит систем од знаења. Аристотеловски, таа е органон, орудие без кое не се може во научното истражување. Предмет на логиката се законите на мислењето, логичките закони и логичките следства. Неможно е логички да се мисли без притоа да не се знаат принципите на логичката мисла. Знаејќи ги спецификите на логичното мислење, дедуктивно, со помош на функцијата на вистинитост негација, се изведуваат карактеристиките на нелогичното мислење. И само нивниот познавач би можело да ги пронајде грешките во говорот на опонентот. Само оној кој знае логика би ги препознал грешките во аргументацијата и не би дозволил и самиот да ги направи бидејќи би знаел дека правејќи ги, пребива во сферата на нелогичноста, што значи во сферата на глупоста. Моментно, во Македонија логиката се изучува како изборен предмет во една гимназиска насока. Многу малку ученици учат логика. Со новата Концепција, таа целосно се отстранува од образовниот процес. Веројатно на политичарите им годи незнаењето на логиката и немоќта за критичко мислење, зашто на тој начин лесно би биле разоткриени. Би бил побиен секој нивни говор заснован на софизам или паралогизам, би била препознаена секоја замена на теза, неаргументираниот говор, контрадикторноста на мислата и непостоењето на логичко следство. Не би се допуштил argumentum ad hominem, ниту argumentum ad populum. Веднаш би се препознало кога некој си се вртка во маѓепсан круг (circulus vitiosus) или прави грешки во однос на демонстрацијата, односно кога тезата логички не произлегува од аргументите (non sequitur). Се разбира, со намера ви ги пишувам латинските називи, зашто нашите ученици согласно новата Концепција нема да учат латински јазик. Ниту старогрчки. Веројатно, учениците како идни студенти и научници, напамет, неразбирајќи ги, ќе ги учат научните поими и фрази во нивните области кои главно водат потекло од класичните јазици.
Согласно Концепцијата, учениците нема да учат ниту етика. Единствената наука чиј предмет на истражување е Доброто и Праведното. Живееме во свет во кој се урнати сите вредности, во кој владее неморалот, во кој би можело да го изгаснеме фенерот на Диоген (кој го бараше човекот) и да кажеме – Го нема! А, конструкторите на новата образовна програма сметаат дека нема потреба да се учи етика. Нив, заедно со политичарите кои неретко упатуваат на поимите морално и етичко, би ги прашала дали го знаат значењето на овие поими, зашто неретко погрешно и бесмислено ги користат. А тоа е така зашто не ги знаат латинскиот и старогрчкиот јазик, па да согледаат дека станува збор за синоними, или зборови со исто значење во два различни јазика, и не учат философија за да знаат дека овие поими се дистингвираат на основа на родов и видов поим. Етиката како наука го изучува моралот како збир од правила што треба да се почитуваат, како состав од мисли, определби и дејства на луѓето кои се определуваат како добри или зли. Веројатно, политичарите, не им дозволуваат на учениците да спознаат што е добро, зашто така би го препознале злото и би го презреле. Зашто силно би го возљубиле Доброто и би посакале да се оствари.
На еден од часовите по философија, го поставив како проблем за размислување, начинот на функционирање на идеалната компанија. Се нижеа идеите на еднаквоста, праведноста, хуманоста, солидарноста, емпатијата. Во умот ја видоа идејата дека можеме да функционираме без да имаме претпоставен, надреден, дека секој би можел без никој да му наредува совесно да ја извршува својата работа воден од идејата за општото добро. Дека индивидуалното добро ќе биде условено од општото добро кон кое ќе се стремиме сите. Дека еднакво ќе се вложуваме, дека еднакво ќе бидеме платени. И во тој занес, драгиот ученик Филип се побуни – Таква, не може да постои! А, јас го прашав: Зарем не можете барем еден час да сонувате? Филип одговори: Па, на часовите по философија, ние само сонуваме. Тогаш сфатив дека сум ја постигнала најзначајната цел, на часовите по философија – учениците сонуваат, мечтаат. Философијата нѐ соочува со идеалитетите и прави да посакаме да ги оствариме во стварноста. Философијата е единствената која од нас прави луѓе. Затоа што „Човекот е сон на една сенка“ (Пиндар).
Низ философијата, учениците би ја дофатиле идејата за слободата и не би дозволиле веќе да бидат робови. Ќе станат свесни и ќе се побунат. Ќе се надмине парадоксот на Орвел „Додека не станат свесни, никогаш нема да се побунат, а додека не се побунат, нема да можат да станат свесни“.
Творците на Концепцијата немаат поим за тоа што значи философијата. Прават неправилно класифицирање на философијата во рамки на општествено-хуманистичките науки. Философијата е подеднакво блиска со математиката и природните науки како и со општествено хуманистичките науки. Но и подеднакво дистанцирана од нив. Сите тие од неа произлегуваат. И сите тие во неа се враќаат. Философијата се повикува на одделните науки, но оди над или зад нив. Таа ги дава одговорите на причините и крајните цели на одделните науки. Философијата го соединува сето човечко знаење. Таа го бара тоталитетот. Одделните науки никогаш нема да го дофатат тоталитетот, полнотата на Вистината, затоа што, едноставно, таа не е предмет на нивниот стремеж. Тие истражуваат дел од стварноста, философијата ја опфаќа целината.
Во духот на прагматизмот и утилитаризмот како современи философски доктрини, авторите на Концепцијата претпочитаат единствено изучување на предмети од кои имаме корист, не сфаќајќи го значењето на философијата и суштествената корист што ја имаме од неа, на ниво на поединец, на ниво на заедница. Текстот би го завршила прераскажувајќи анегдота која на еден философски симпозиум ја раскажа Реџеп Исмаил Хактан. Еден човек наиде на дервиш и му кажа: Светот нема корист од тебе. Ти ништо не работиш. Ништо не произведуваш. А, дервишот го праша – А, ти, што работиш? Правам самари за магарињата. – одговорил човекот. Дервишот возвратил – Е па јас од магарињата како тебе, правам луѓе.
А, учителот, од учениците прави самосвесни, слободни и среќни човечки суштества.
На моите ученици!
Драгица Солунчева
Професор по философија, логика и етика во
СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“