Колумни
Смеењето како лек
Првиот невербален, често несвесен израз на новородениот член на семејството упатен до околината која му се радува, е насмевката.
Секако првин е плачот, така што плачењето и смеењето се првите неизоставни емоции на човекот. Веднаш потоа следува прдежот, ама тоа е друга тема, мириса поинаку од смеата (какво олеснување за оние на кои ковидот привремено им го одзеде чувството за мирис и препознавање на сите нијанси на прдежот за време на карантинот).
Малку шега не е вишок, баш кога работата ни е за плачење, што би рекол Оливер Мандиќ ,,смејем се, а плакао бих”. Хуморот не може да нѐ заштити од ковид,19 но може да ни го разведри расположението.
Таткото на психоанализата Сигмунд Фројд тврдел дека смеењето е психолошки вентил преку кој единката се борив против општествените притисоци.
И бил во право, но не предвидел дека современиот човек не треба да престане со смеење 24 часа, пропорционално со деноноќните притисоци на модерното време, па смеејќи се постојано против сите можни притисоци (,,на прст” или како ,,луд на брашно” ), смеата може да го дотурка до психијатрија.
Благотворното дејство на смеењето е општо познато и сѐ уште тема за клиничко докажување.
Мајките доилки треба насмеани да си ги дојат бебињата, млеко полно позитивни емоции делува позитивно врз здравјето на саканото чедо, без оглед колку се ненаспани и изнемоштени. И како да не се насмееш на најголемата безусловна љубов дур ти спие на гради!