Колумни
Совршенството оставете им го на вонземјаните!
Пишува: Татјана Алексиќ
Посветено на сите родители и учители!
Перфекционизмот колку и да звучи перфектно, како позитивна особина, всушност е совршено деструктивен механизам за мелење на самодоверба и стекнување перманентно чувство на вина.
Родителите перфекционисти на своите деца им наметнуваат високи животни цели и критериуми создавајќи им илузија за совршенство. Нивните деца мора да се „скроз“ одлични со безброј освоени награди (се разбира само прво место, останатите се за несовршените), популарни во училиштето… Под таков притисок нема задоволство од сработеното, колку и да е објективно успешно. Поради наметнатиот страв од можни грешки и неуспеси, децата одбегнуваат предизвици и креативност, учат заради резултати и критериуми, а не заради знаење и искуство. Така во лавиринтот на перфекционизмот го губат својот идентитет и самодовербата, а последица се низа психички заболувања.
Родителот (учителот) не смее да го контролира детето преку сопственото незадоволство држејќи го во кафез на нереални очекувања. „Не очекувајте за да бидете среќни“ – Шекспир!
Наместо константно поразителен циклус на перфекционизам, треба да ги воспитуваме децата да се стремат кон цели според сопствените желби, способности , вештини и потреби, а не според очекувањата на околината. Кога ќе се постават реални и здрави цели во животот и да се доживее неуспех тој се врзува за конкретната цел, а не за преиспитување на сопствените вредности.
Не постојат грешки туку лекции, а негативното искуство е можност позитивно да се изградиме.
Совршенството е илузија која не може да се достаса, на оваа планета не живеат такви – да им го оставиме на вон земјаните