Колумни
СПОМЕНиците се светост, светска задолжбина – не се отуѓуваат ниту присвојуваат!
Споменикот е породено чедо на скулпторот, сакрамент на мецената, вдахновение за минувачот, одговорност за чуварот, драгоценост за народот и универзална своина. Спомениците не се за сквернавење ниту за глорифицирање, нема натпревар меѓу нив кој е поубав, поголем или поскапоцен…
Достоинствено се чуваат и тивко почитуваат додека времето ги вреднува, ги баждари без да ги навредува. Каде и да се, од кое време и да се, чии и да се, цивилизацијата им е мајка. Ние луѓето сме им маќеа. Оние што ќе се дрзнат да ги избербатат, макар да ги чкртнат или гребнат, гребнале по божја душа.
Споменикот смеат да го бербатат само гулабите, да го камшикуваат ветриштата, плукаат дождовите.Создавателот на спомениците е човечката рака и ум, а нивен рушител може да биде само силата на природата и гравитацијата како триумф на конечност и смрт. Човек не може да украде споменик на култура, ниту да го менува и поседува…