Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Колумни

Свет празник

Човек не мора да биде прогласен за светец за да неговото дело добие гласност, гласот на светите дела е моќен колку и тишината на возљубените, се слуша и кога немува… Не мора да се знае ни кога и каде е роден човекот чии дела се чувствуваат како родени насекаде низ светот. Го чувствуваме ли светиот празник Св. Климент повеќе од продолжен викенд ?

Кога би направиле улична анкета на денешниот ден и би ги запрашале случајните минувачи дали знаат кој е првиот словенски универзитет, како се вика првата словенска азбука или што им значат датумите 5 мај 1945 и 7 јуни 1945 година, би добиле поразителни одговори и подобро да не прашуваме туку да се потсетиме за најсветото нешто за еден народ – јазикот.

Имам навика, понекогаш сум и здодевна, да им сугерирам на учениците кога патуваат низ светот и ги осознаваат туѓите култури да пронаоѓаат траги од сопствената нација и да не се чувствуваат инфериорно пред големината на другите континенти каде и да се.

„Сите патишта водат кон Рим “ па и патот на светите мисионери кои во далечниот 9 век стасале кај римскиот папа Адријан кој официјално ја признал словенската азбука. По 11 векови во истиот град на некогашни гладијаторски арени, Папата Јован Павле II во 1980-та година ги прогласил св.Кирил и Методиј за заштитници на Европа. Малку ли е за да ја почувствуваме древноста и важноста на јазикот на кој се држеле беседи на плоштадот „Св.Марко“ во Венеција, далечната 867 година за моќта на уште еден библиски јазик, четвртиот јазик на кој била преведена библијата?

Во борбата против непријателите на словенската писменост, тријазичниците, кои супериорно тврделе дека само три јазици се дадени од Бога ( еврејскиот, грчкиот и латинскиот) светите учители дипломатски ги подучиле дека „и сонцето подеднакво грее и дождот подеднакво паѓа за сите луѓе на светот“ и дека пред нив постоеле уште подревни јазици како сумерскиот, египетскиот…. Моќта на дипломатијата ја покажале со предавањето на моштите на маченички убиениот папа Климент, претходникот на папата Адријан, по кого омилениот ученик на св. Кирил, Климент го добил името.

Свети Климент, епископ словенски и епископ Велички, со делата е наша светост и светлина затоа што го отворил и изменаџирал првиот словенски универзитет Охридска книжевна школа (без спонзорства и покровителства), за што целиот свет треба длабоко да се поклони. Вкупно 3500 ученици броел универзитет од 9 век, после кого се појавуваат и Египетскиот (910), Универзитетот во Болоња (1088), Оксфорд (1096), Кембриџ (1209), Харвард (1636) и остатокот од светот. Па малку ли е за да се чувствуваме самобитни? Самобитноста се верифицира, озаконува, кодифицира и официјализира дури 1945 година, на светите датуми кои секој државјанин на Македонија треба да ги знае како и датата на својот роденден, 5 мај -признавање на македонската азбука и 7 јуни – признавање на македонскиот правопис! Ако ве праша некој, што ни се случувало цели 11 векови, јазикот наш македонски да се наоѓа во центарот на јазичниот сојуз покрај другите старословенски јазици, а најдоцна да ја добие својата верификација, одговорот е познат, секогаш низ историјата од две зла сме го бирале помалото, нашата историска голгота и неправда никогаш не била милозлива да ни се посреќи од две добра да го одбереме подоброто.

Но благодарни сме и на историјата, на моравскиот кнез Ростислав кој од две зла (асимилацијата од латино-германското свештенство од една страна и Византија од друга) дипломатски решил да побара од своите непријатели , од Византија, мисионери за ширење христијанство на разбирлив јазик за неписмените Словени кои во религиозен поглед биле пагани (многубошци).

И така браќата Кирил и Методија ја создале глаголицата и ја превеле библијата од грчки на старословенски за седумдесет дена (на грчките преведувачи од хебрејски на старогрчки јазик им требало многу повеќе време и многу повеќе луѓе чии имиња не се паметат). Нивниот ученик и следбеник, најсветиот од светителскиот венец ( Наум, Горазд, Сава и Ангелариј), Климент Охридски го продолжува нивниот пат, отвора цркви и училишта, пишува похвални и поучни слова, несебично им го пренесува знаењето на многубројните ученици од Охридската книжевна школа, лекува, ја крои природата ( калемел растенија кои ги носел од Грција во Охрид)…Го пишува најубавото пофално слово за својот блажен учител и татко св.Кирил, користи двојни епитети како светлозрачниот спомен за нашиот преблажен татко да го чувствуваат сите христољупци како сонце на трисушното божество, го благословува со најблажени зборови, блажени да му се прстите, рацете, устата, утробата, нозете, душата, црквата и градот каде св. Кирил ќе има папски погреб. Така се сакале учителите!

Па малку ли е самите ние да го прогласиме Климент за светец? Датата и местото на неговото раѓање не се знаат, но неговиот дух се препознава во секој оној кој го чувствува како светец, кој знае дека неговото име го носи Соборниот храм, Градската болница, Народната универзитетска библиотека, Булеварот и уште многу културни храмови низ светот… Секој ден низ светот умира по некој јазик – јазикот е живо битие и треба да се негува, да му вдахнуваме живот употребувајќи го како што заслужил по долговековните маки македонски, со љубов, должна почит и уставотворна законска должност.

Нека ни е вечен и свет светиот празник !

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.