Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Татјана Алексиќ: 2015 причини за љубов!

Колумни

Татјана Алексиќ: 2015 причини за љубов!

Кој за што јас за љубовта и водењето љубов … И повторно за љубовта, како единственото чувство за кое не треба платежна моќ…Да ја почнам и оваа година со ЉУБОВ, оти друго и не знам да правам.

А на сите ни е згодна и неопходна, можеш секаде да ја носиш со себе и никој да не види дека ја поседуваш за да те казнат или наградат, да ти ја одземат… 2015 оправдани причини за љубовта во Новата 2015-та година… Љубовта како противотров за сите можни комплекси…Немаме поевтина причина за живеење…

Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно не труе и не ни дозволува да им се спротивиме на животните проблеми. Дебелки или слаби, ниски или високи, недоволно талентирани, интелектуално инфериорни, општествено неприфатени…па што? Зарем е невозможно со добра смисла за хумор да се надминат комплексите, патем, духовит е оној кој се шегува на своја сметка. А ако не успеете со хумор, тогаш обидете се со љубовта, таа прави чуда со комплексите, ниеден скалпел не е подобар од чувството на возвратена љубов.

Во последно време светските модни трендови диктираат култ кон телата и се играат со телесната тежина на манекените. Никогаш повеќе не сме имале деца со анорексија и булимија само поради незадоволството од сопствениот изглед. Преокупираноста со физичкиот изглед оди во насока на правење фетиш од одредени делови на телото или лицето (зголемени гради, задници, усни, пениси…) и се би било добро ако тука престанат комплексите.

Во „мое време“ (беше тоа многу одамна) ако растеше со „клемпави“ уши никому – ништо, со здравје да си ги носиш, може само ушле да те викаат. Сега родителите за матура им плаќаат на своите деца хируршки естетски корекции за да растат без комплекси. И кој е во право, родителите од минатото кои не пуштаа да одиме влакнести на час по физичко или сегашниве кои заедно со децата одат на силиконски „посластици“?

Никој не може да даде одговор, а да бидат сите задоволни, никој не може да суди за другиот за да не му судат и нему, едноставно прави го она што те прави среќен и без комплексите.

Што се комплекси и како да ги препознаеме! Тоа е непосредно губење на самодоверба, чувство на срам поради помалку привлечен изглед, слаби интелектуални способности, недостаток на култура како и ниско социјално потекло. Особено е присутно кај адолесцентите на кои треба да им се обрне внимание од родителите , но и од просветните работници. Еден јавно кажан навредлив збор на нивна сметка може да биде траума за цел живот.

Љубовта повторно како лек за се па и за комплексите! Првин треба сами себе да се засакате со сите свои мани, нема совршенство, тоа се трикови. Кога сте вљубени, многу помалку сте преокупирани со себе си, длабоките емоции не ви го дозволуваат тој луксуз. Вљубеноста не прави сигурни, моќни, привлечни… Убавината станува израз на она што сме го собрале во себе од позитивните емоции т.н. зрачење од убавина. Треба само да ја прифатите потребата на другиот за вас и така ќе му се спротивите на искушението да им се вратите на комплексите.

Ако љубовта се уште не ви тропнала на врата, тука се психотерапевтите за прва помош при лекување комплекси! Од сите комплекси, прифатете го само Б-комплексот

Среќна година (а многу среќа ќе ни треба) зачинета со љубов!

Автор: Татјана Алексиќ

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.