Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Татјана Алексиќ: Безусловна љубов

Колумни

Татјана Алексиќ: Безусловна љубов

Таа е како ореол, не може секој да го има и препознае, има форма на круг кој не се затвора, туку напротив, круг кој се отвора. Контрадикторно колку и љубовта, над неа не може да се богословува, попува, морализира, социологизира, психоанализира, прецизира, формулира, а најмалку да се иронизира.. таа е над сето тоа! Но само ако е безусловна, искрена и двонасочна, во тројка веќе e премногу! ;)

Кога сакаме безусловно да љубиме треба да ги закопаме воените секири и сите останати педагошки секири, морални, полни, родови секири… секирите се за секирација (се извинувам за србизмот) а со грижа не се влегува во кревет!

Честопати сакаме да ги оправдаме вербалните и физичките афекти под параванот на воспитни мерки велејки дека „ќотекот е излезен од рајот“. Да, жива вистина дека ќотекот е излезен од рајот, зашто таму има место само за љубов, а љубовта не поднесува игри од типот „кој се сака тој се тепа“!

Има уште контрадикторности во врска со безусловната љубов, таа е цврсто мека. Мека, нежна, попустлива, толерантна но никако и разгалена. Безусловно попуштање до разгалување, некој да ви се качува на глава (мислам фразеолошко качување врз глава со мозок, секое друго качување е релативно) не е љубов туку патологија. Ти сакаш и попушташ, а другиот ликува со суетата.

А да, љубовта истовремено е цврста, но не смее да не скамени во тврдост, освен одредени делови од телото во одредени моменти – ете уште еден доказ дека во љубовта нема правила без исклучоци. Ако се претера во цврстината на ставовите, цврсти критериуми, принципи, бла, бла, бла… стануваме со камено срце, а водењето љубов станува чукање камен од камен! Цврстината и мекоста мора разумно да се менуваат во својата љубовна игра.

Љубовта е вонземјанин, гостин кој не потпаѓа под влијание на законите или логиката на Земјата каде гостува. Најтешката работа на светот, а истовремено и најслатката, е да ЗНАЕШ ДА САКАШ. За да го примиш во себе саканото суштество мора да направиш место за него (нејзе), за тебе и за вашата безусловна љубов, таму нема место за секого и не си фраер-ка ако мислиш дека во твоето срце има место за сите твои љубови… Фразата дека „љубовта е повеќе давање од зимање“ е празна, излитена, затоа што оној кого не можеш со љубов да го примиш, не можеш ни да му дадеш!

Кругот, ореолот на безусловната љубов е голем колку светот, оној кој вистински сака барем една особа, го сака целиот свет. Тажно е кога некој ве сака, а вие не можете да му направите место во себе, тесно ви е, исто како да чекорите во тесни обувки, ќе ви излезат плускавци, а тие болат.

Љубовта е брановита има свои вибрации и осцилации. Се бранува горе-долу, напред-назад, угоре-удолу, па напнатост-релаксираност, возбуда-индиферентност, мир-кавга… а епицентарот е љубовта кон себе си. Љубовта не ја трпи зачмаеноста на една баричка, го сака бурниот и непредвидлив океан. Нооооо, ако постојано тежнееме кон возбуда по секоја цена, адреналин, страст… ќе не лапне Бермутскиот триаголник. Незаситноста во сексот е нимфонија, не е сексуалност која води кон задоволство туку кон патолошка незаситност.

Во океанот на безусловната љубов треба да научиш да пливаш во друштво и да ја почитуваш разноликоста на останатите пливачи крај тебе, секој со свој стил, замав, ритам… Да знаеш да се нурнеш и испливаш, а да не се удавиш себе и останатите.

Љубовта е шегобијка, таа е игра во која треба да научиме да се смееме и на своја сметка-тоа е услов за духовитост. Не може да сакаме некого, а да не се пошегуваме со него и зарем може човек со дух да биде недуховит? Луѓето кои не знаат за шега постојано се жалат и бараат сожалување, сакаат да се прикажуваат како трагични херои или жртви, постојано се лутат, караат, лигават, дрдорат, брборат, звоцаат, гунџаат, (се извинувам за жаргонизмите) и тие никогаш нема да го разберат горе напишаното.

Со љубов, учителката! <3

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.