Колумни
Татјана Алексиќ: Малку за хедонизмот…
„Задоволството е почеток и крај на среќен живот“ – Епикур.
Епикур воопшто не бил кусоглед, предупредувал дека мудриот ги одбегнува задоволствата што водат кон болка, а клучот е во мерката за одговорност. Верувал дека вистинскиот пат до среќа е возможен само кога човекот ќе го надмине стравот од смртта и боговите!
Во последно време современиот свет станува мозаик од рефлектори, медиумски манипулации, глобални фб комуникации (озборувања), виртуелни задоволства, празни пораки од фрустрирачките реални шоуа, a на сите заеднички именител им е очајната компетиција!
Луѓето повеќе гледаат во тастатурите и екраните отколку во очите на сопствените деца, планирајќи го времето за игра со нив преку „органајзер“. Опседнатоста со идеја за успех и совршенство, стремежот да се биде поубав, посреќен, помлад, посекси, побогат… не туркаат од задоволство во незадоволство, од хедонизам кон анхедонизам.
Таквиот конфузен коктел од селектирани животни сокови со свежо исцедени закони(пушачите ги исфрли на плочниците, камерите станаа „декор“ во јавните но и приватните ходници, многу забрани, закани, ограничувања, отуѓувања) го пиеме секојдневно како „горчливи капки непремолк“.
Заличуваме ли на кутрите мали хрчци кои на подвижното тркало со вишок кофеин ја трчаат почесната маратонска трка во затворен круг?
Голготата почнува со напредувањето во работата, но и зголемувањето на трошоците и потребите, подигање кредити, но и нивото на холестерол во крвта. Каде исчезнува задоволството како јадро на хедонизмот?
Дали одбегнувањето на земните задоволства ќе не направи здрави, среќни и долговечни? Не смееме да се одречеме одеднаш од се за да не ја поместиме сопствената и космичката рамнотежа. Не може маратонец преку ноќ да стане паразит, да постиме три месеци и веднаш да изедеме цела торта, да апстинираме две години, а да надокнадиме за два дена…
Поентата е да го успориме времето и пронајдеме изгубената мерка.Трчајте по дождот без цел…изедете цела торта…пијте вино…гледајте во sвезденото небо со некој за кој мислите дека е посебен, а не мора да е…
Не глумете жртви, дисциплинирани и напатени, не заборавајте дека мачениците се лоши љубовници, пријатели и соседи!
Живееме во ера на симултан страв произведен од медиумските чудовишта. Медиумите не известуваат и предупредуваат дека може да загинеме додека се возиме со ескалатор… како болно љубоморните мажи ставаат невидливи камери во килотите на жените…од многу смеење ќе добиеме брчки… ќе ја изгубиме работата ако не сме привлечни..
Стравот од смртта и боговите од времето на Епикур присутен е и во денешницата. Факт е дека единствени сериозни нешта за загриженост се болеста и смртта, но и наша неминовност. Животот без мали задоволства, убавини и разумен степен на комфор станува патетичен живот, а човекотот хипохондрик кој се плаши и од сопствената сенка.
Бонвивански викенд со мерка !