Колумни
Татјана Алексиќ: Мобери како лоши маќеи…
Кога агресивноста ќе ги загрози угледот, достоинството и интегритетот на подредените во хиреархијата на професионалното скалило и ќе предизвика страв од губење на работна позиција, стресот е неминовност, а на повидок е мобинг.
Во едно неизвесно и економски нестабилно општество кое драматично знае да ги скрие своите перфидни безобразија, моберите стануваат невидливо присутни ликови, а мобинг жртвите видливо трагични ликови со расчовечени атрибути. А обратно е, моберот е расчовечен, фрустриран, интелектуално инфериорен, завидлив и љубоморен ,,психокилер,, на подобрите и поспособните од него, често пати не почитуван во сопствениот дом па изгубениот авторитет присилно и агресивно сака да го искулучи кај подредените. Се препознава и по својата некреативност и мизантропија, без смисла за хумор, емпатија, спонтаност и вклучување во светот на игрите, со еден збор здодевен и брутален.
Моберот е лошата маќеа која им се заканува на исплашените деца, им дава претешки задачи и обврски кои не може да ги совладаат или пак воопшто не им дава можност за реализација со цел да ги казни и навреди пред останатите ,,послушни,, деца.
Теророт на мобингот е психофизички атак, честопати проследен и со сексуални уцени. Кај угнетените се манифестира со депресија, анксиозност, главоболки, хипертензија што доведува до сериозни здравствени проблеми и автоагресија или самоуништување со прекумерно консумирање на алкохол, цигари и лекови.
Агресијата раѓа агресија, па ако не можеш врз претпоставениот и посилниот, обично удираш врз себе или врз послабите околу себе, за жал некаде мора да се мобингрециклираш.