Колумни
Татјана Алексиќ: Покажи ако имаш…
Дали моралот бавно се менува и колку сме способни да се прилагодиме на моралните промени? „Покажи што знаеш“ не толку бавно, но сигурно се промени во слоганот „Покажи што имаш“ и се прошири со максимата „Колку имаш толку вредиш“ која се зацврсти како наравоучение „Се’ се може кога се има“ за да триумфира со императивот „Со пари се може да се (пот)купи“!
Кога некој ќе заработи пари, чесно или нечесно сеедно затоа што веќе не знаеме што е што (исти недоумици и со моралот), веднаш ја покажува својата заработувачка. Се купува секаков подвижен, неподвижен имот како и имот во расчекор, за да се покаже етикетата „Имам – значи постојам“. Ако не се покаже исто како да го немаш, нема кој да ти завидува, озборува, побарува, изнудува…исто како да те нема!
Каква корист од скромност, сиромаштија, чесност па нека си и нобеловец? Какво задоволство од учењето ако не ги покажеш дипломите, сертификатите, наградите, признанија, импресивни професионални биографии…(во социјализмот дипломите ,благодарниците и ударничките значки висеа на sид како уметнички слики, наместо гоблени везени со вилерови конци).
Какво задоволство од сопствените деца ако не покажеш какви училишта посетувале, колку курсеви за јазици поминале, во колку спортски клубови спортувале заради покажување?
Репер за совршен родител е оној кој на децата ќе им обезбеди стан (куќа), автомобил (лимузина) раскошна свадба и плејада кредитни картички. Ако не успее да ги вработи преку партиски врски е тогаш станува родител „безврска“, го губи статусот совршен родител и се етикетира како неспособен, неснаодлив, неамбициозен…и др. негации на негацијата. Веќе не е за покажување!
Доказ за успешност е вашата квадратура која кај најуспешните се мери во ари, во број на спални соби, базени, гаражи, снобовски уредени дворови за покажување…реципроцитет за снаодливост или успешност, сеедно.
Секоја година не фаќа новогодишна, а подоцна и матурската еуфорија. Неверојатно како некој не се сетил да покаже дека и петтооделенците треба да слават мини матура (испит на зрелоста на своите 10-11 години)? Малата матура е генерална проба за големата во средно училиште која е доказ за зрелост- после неа за некого финансиски колапс за некого пример за покажување (среќа што ги снема банкетите од списокот за покажување).
Ние просветните работници и воспитувачи, како одговорни за правилен психофизички развој на идните поколенија, треба да им покажеме на учениците дека единственото нешто што не може никој да ви го украде или молците да ви го изедат е духовноста – вашиот подвижен и неподвижен имот! А тоа не е лесно да се покаже со пример, со покажување!
Можеби сме единствени во поимањето и разбирањето на она што треба да се покаже, единствени кои на „еј како си се нафатирал, се изнакраде алал да ти е“ реагираме како на пофалба, признание, сертификат, диплома, комплимент… а на патетичната констатација „се изнаработи и пак немаш пари“ со презир, сарказам, цинизам, навреда, пејоративно…
За утеха или за крај на текстов, не е се баш така конечно купливо и поткупливо , во љубовта ништо не е конечно и нема купо-продажни моменти, секако ако се работи за безусловна љубов!:)
АВТОР: Татјана Алексиќ