Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Татјана Алексиќ: ПОЛТРОНИ, КАМЕЛЕОНИ И РАЗНОзаРАЗНИ АМОРФНИ ОКСИМОРОНИ…

Колумни

Татјана Алексиќ: ПОЛТРОНИ, КАМЕЛЕОНИ И РАЗНОзаРАЗНИ АМОРФНИ ОКСИМОРОНИ…

Еден куп симуланти кои ги заземаат важните институции на системот и со агресивен авторитет, во име на законот и интересот на државата, како аждаи го уништуваат сиот цивилизациски систем на комуникација и мачно стекнатата општествена хармонија.

Полтронеријата е синдром на болно општество на потчинетост, слугување, подреденост и страв, без почит, без морал, без визија и без човечност. Полтроните се аморфни ликови, бесполни но со моќ за брзо размножување и менување на дресот кон тимот што победува. Тоа се тие што се вртат како сончогледи околу своите господари, а нивната компетентност за позицијата до која дошле непрофесионално, е рамна на неподнослива неумереност, неумесност и нестручност.

На полтроните им се важни личните амбиции, личното пред колективното и макијавелистички не одбираат средства да стасаат до скалилото на хиреархијата. Нивната гимнастичка вежба е крајно еластична, рбетот може да го свиткаат за полесно да ползат како безрбетници. Конформизмот им е единствен атрибут кој им виси над изгубената индивидуалност и слобода.

Полтронска опсесија е да му се скршат јајцата на помоќниот од себе (секако, не велигденски јајца) за да стасаат каде ги турка болната амбиција и жед за моќна позиција. Таквите се најопасни за било кое и какво и да е општество, ги има насекаде и во сите системи, знаат да се камуфлираат во својата околина и лицемерно да го глумат Хамлетовото лудило за да стасаат до целта. Но не се толку итри, ги издава брзината со која брзо сакаат да ,,напредуваат,, во своите професии заборавајќи на професионалноста. Од полтроните полоши се само оние кои ги држат до себе заради одржување на лажната моќ, суета и апсолутна власт.

Завршувам со Добрица Ќосиќ и ,,Време на власта,, :

,,Власта има многу лица и содржини, таа е драма на одговорните и совесните, трагедија на идеалистите, установа на легално насилство, легитимност на незаслужни, уживање во правото за заплашување. Една револуционерна власт никогаш не може да биде демократска со истите луѓе, за да го смени карактерот треба да ги смени луѓето на власт. Власта не е историска појава туку нејзино опредметување. Таа подеднакво се посакува, оплакува и трпи. Оној кој владее подготвен е да потчини, а потчинетиот има само еден нагон – и тој некого да потчини. Затоа деспотството и тиранијата имаат поголема поддршка од било кое поинакво владеење.“

АВТОР: ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ ЗА ПОПУЛАРНО.МК

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.