Колумни
ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Сепак ние сме Марсовки, а тие Венеријанци…
Д-р Џон Греј во книгата која го прослави „Мажите се од Марс, а жените од Венера“ објаснува зошто мажите и жените немаат заеднички јазик во љубовните врски и во меѓусебната комуникација, како да потекнуваме од различни планети. За среќа тој планетарен јазол го премостуваме со помош на анализите на психолозите, психотерапевти, сексолози и соодветна стручна литература (многу пракса ќе треба, не помислувајте на тоа)!
Жените повеќе флертуваат од мажите и ги збунуваат со своите сигнали кои тие различно ги толкуваат, дали се „за озбилно“ или „за една ноќ“, па не знаат дали да се држат на дистанца или да јуришаат!
Мажите не се вешти во флертувањето, ретки се мажи кокети ама затоа сите се муватори. Но природниот шарм и вистинската заинтересираност за подлабока врска не може да се глуми и камуфлира, барем не долго време.
Премногу искреност понекогаш знае да заболи и да направи хаос во врската, ако партнерот не знае да ја почитува искреноста. На пример мажот бара признание „а колико си их имала до сад – није љубомора, ипак реци“… (Жељко Бебек) и после тешко на искрените Венеријанки, инвазија од Марс, Марсовецот напаѓа од сите страни!
Посесивноста и љубомората ја заплашуваат љубовта и не се љубов туку себичност. По искреното признание мажот го мачи помислата колку убаво ти било пред него со некој друг. Несигурноста на мажот (дали некој бил подобар од него) го фрустрира и ете дефект во љубовта. Кога е обратно, Венеријанките баш ги заболе за минатото на Марсовците, поубаво искусен од неискусен маж! Хмммм, не баш дека се рамнодушни на нивното убаво минато и кај нас постои страв од ренесанса на романсата од минатото.
Д-р и сексолог Мери Роуч во книгата бестселер „Необичен спој на науката и сексот“ објаснува со лични примери преку двогодишно експериментирање со сопругот, како да се споиме со мажите во хармоничен брачен кревет. Еден од најинтересните заклучоци е дека ни највозбудливиот жежок секс не може да го сопре мажот да не заспие по водењето љубов!
Уролозите и сексолозите објаснуваат дека виновен е хормонот пролактин кој се ослободува по оргазмот и создава чувство на истоштеност. Потребата за дремка, која Венеријанката ја доживува како фатална (ете толку сум му важна што веднаш заспа) е резултат на потрошениот гликоген (состојка која создава енергија во мускулите). Бидејќи Марсовците се помускулести од Венеријанките, слатко заспиваат!
Јазик со кој се разбираме и заеднички заклучок за двете планетарни врсти е дека сексот е здрава потреба и добра база за здрава љубовна врска. Краткото задоволство од 3 минути има долготрајни животни вредности: здрав и насмеан израз на лицето, добра физичка кондиција, најприродна вежба за срцето, затегната мускулна маса, витална вагина – простатата ги заобиколува сексуално активните мажи, а имунитетот јакнее поради имуноглобинот тип А – антитело против настинки.
Сепак ние сме Марсовки, а тие Венеријанци! Кога мажите ни изјавуваат љубов ние сме како „паднати од Марс“, а пак мажите сè би дале да се укотват на „венериниот брег“.