Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Татјана Алексиќ: Непристојни зборови

Колумни

Татјана Алексиќ: Непристојни зборови

Треба да признаеме но не мора, „не е морално бе Пиги“, дека сите навивавме сексапилната Деми Мур да „му даде“ на неодоливо богатиот и се останато во суперлатив Роберт Ретфорд во филмот „Непристојна понуда“ (со благослов на сопругот, за да и биде полесно).

Но мора да признаеме дека опсценоста, непристојност во изразувањето т.н. пцуење, во процесот на вербалната комуникација се избори за пиедестал наместо за срамен столб. Пцостите станаа израз на креативност, сликовитост, богат речник дури и духовитост!

Момо Капор го има анализирано феноменот под наслов „Српске псовке и како их превести“. Истиот проблем би го имале и ние, на еден странец да му го преведеме богатиот репертоар на кавадарчанецот, со изразита сликовитост, роднинска и полова застапеност (мајка, татко, брат, сестра, а понекогаш и тетка…). Србите, а бога ми и Грците си го пцујат Господ (светец) и тоа многу по жестоко од Родољуб Петровиќ во легендарното „Позориште у куҕи“ со пцостот „бога вам пољубим ко вас направи!“

Американецот би почнал со „sh*t“ би се загреал со „f*ck you“ и би кулминирал со „son of a bi*ch“. На француски тоа би дошло како поезија, ноблес со опсценоста „ ni*ues ta mer“ , а на германското „sh*ize“ му одговара француското „me*dе“. Колоритот на германските непристојни изрази се врти околу задникот и задникот им е круна на непристојност : „leg mi ra*ck“. Од наведените примери можеме со „гордост“ да констатираме дека ни нема рамни во пцуењето, патем ние изразуваме позитивни емоции, кога пцуеме – пцуеме од задоволство!

Но, проблемот не е кога пцостите се користат во разговорниот јазик, во приватен амбиент, одредено друштво, во „име на уметноста“ па ги читаме кај Буковски или во делата на Сашо Тасевски… Ги слушаме во театар… Тогаш се катарзични, не прочистуваат како крвопролевањето во античките трагедии. Од психолошки аспект некогаш е полезно да се испукаме и олесниме за да не завршиме со нервен слом, но туѓите пцости не треба лично да ги сфатиме.

Кога ве пцујат – пцујат по себе си, по сопствената немоќ и фрустрација. Проблемот е што во ова наше современо и цивилизирано општество на културна преродба пцостите може да се слушнат преку медиумите без никаква уметничка оправданост и со слаба цензура!

Реалните шоу емисии се расадник на секакви непристојности. Гледаноста или популарно рејтингот на реалните шоу емисии е нашиот срам, доказ дека понижувањето на луѓето со шокантна вулгарност во име на забава е историски феномен. Спектаклите во гладијаторските арени, дворските шутови, подбивањето со понижените и навредуваните квазимода ни се повторуваат до ден денешен и тоа медиумски сервирани и спакувани со амбалажа на гледаност!

Германците го користат терминот Schadenfreude кој го опишува задоволството кога гледаме несреќни, понижени, губитници и луѓе со проблеми или физички недостатоци , а гледајќи во нивните маки се радуваме оти немаме такви. Каде е тука емотивната интелигенција и емпатија?

„Мали Ѓокица“ ни се случува во воспитно образовниот процес, не како виц туку како феномен, ученикот пцуе на час, а учителот во име на наставната етика и законот мора да го преживее моментот на „ниво“. Кога ќе дојде родителот, видно нервозен и ќе му се обрати на своето дете: „што пцуеш на час п…… ти мајчина, од кого си научил“ …. ти доаѓа гласно да го цитираш кинескиот политичар Мао Це Тунг и тоа на српски превод: „Све је у животу срање осим пишања, а и пишање је срање када пишаш уз ветар“ !!!

ДЕЦАТА НЕ СЕ ВИНОВНИ, тие не имитираат нас возрасните, П…. НИ МАТЕРИНА!!!

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.