Колумни
Татјана Алексиќ: Ница – залив на ангелите
*Посветено на патувачите, кога шетаат по Азурниот Брег, да знаат нешто повеќе од туристичките водичи :D
Антоан де Сент Егзипери, еден од митските жители на Ница ќе го опише Азурниот брег како „рај над кој неподвижните облаци маѓепсано гледаат во сенките на морето со боја на мастило, каде како во кутија уредно наредени лежат куќи со боја на песок и школки“ . „Но окото не може да ја види суштината, тоа е привилегија на срцето“ – вели истиот автор на „Малиот принц “ , затоа да влеземе во срцето на Азурот, бескрај на спокој каде бдеат ангелите.
Крај Азурот морската пена е благоглаголива, ноќите во тилот ви дишат, а бескрајно долгите денови бавно течат (брзината е резервирана само за сиромашниот краеви на светот каде смртниците брзаат и трчаат не знаејќи дека секоја трка е бесполезна, главница веќе одамна е поделена).Од Сан Тропе до Ница сѐ уште живее духот на митологијата, но не грчката или римска со вечно авторско право, туку светската митологија во која живите живеат со мртвите! Тука живееле, твореле, сакале и умирале најголемите кои ја дале смислата на нашето минато, сегашност и иднина, чиј дух живее…
Ги де Мопасан и талентирана Русинка Марија Башкирцева ќе бараат милост за своето здравје по должината на сончевата Ривиера. После смртта на саканата пријателка покосена од туберколоза, Мопасан се лекува од сифилис но и од лудило, неисцрпно пишувајќи. Честа ќе биде глетката како двајца пријатели го држат на раце додека погледот му талка низ морскиот шир… Го држат во прегратка за да ја скријат неговата лудачка кошула.
Крај Канскиот хотел „Негреско“ паркиран е спортскиот автомобил на Исидора Данкан, која после два брака, трагично загубено дете и кариера во залез, ќе бара мир во спокојот на Ница. Но немирниот дух не дава мир, влегува во автомобил каде ја чека младо и насмеано машко лице, без да забележи дека смртта и се смее. Исидора вљубена во брзата игра, брзо го изигрува последниот танц, нејзиниот шал се вплеткува во тркалата на возилото и… „На крајот секој умира од својата страст“ – Иво Андриќ во „Проклета авлија“!
Во Ница се родија и делата на Ниче кој бараше лек за болеста во чистиот морски воздух и инспирација за „Така говореше Заратруста “ и „Од онаа страна на доброто и злото“. Денеска туристите може да прошетаат по патеката на Ниче од каде бродовите личат на нимфи си лепливи крила, каде што си секогаш на свое место, каде боите на природата изгледаат како да поминале низ сито, а снегот има сладок вкус …Така говореше Ниче за Ница додека умираше од својата страст – сифилисот. Денеска во тој дел луксузна куќа има Ринго Стар, Стоунсите честа инспирација за своите албуми, а Паганини место за својата смрт.
Чехов во Ница ги пишува последните два чина од драмата „Три сестри“ и ги живее последните страници од својот живот… За коцкарницата ќе забележи: „Рулетот ми остави впечаток на едно раскошно ве-це“. Неговиот препознатлив хумор се забележува и во описот на Ница: ,,Овдека првиот пес кој ќе дојде, веќе има мирис на цивилизација, собарките насмевка на војвотки, а на питачот му се обраќаат со персирање и етикеција „господине“ …
Денеска на Ривиерата нема питачи, но собарките сѐ уште како да се со „сина крв“. Кога сме веќе кај сина крв, Грејс Кели во Монте Карло на истата кривина каде вози автомобил по сценарио на Хичког , по две децении трагично го губи животот. Мртвите души на Гогољ во кожен куфер пристигаат во Ница, по него рускиот балет со славниот Сергеј Џагиљев и неповторливиот Нижински ( „Попладнето на еден фаун“ од Дебиси) чии костими за балетот ги изработува неповторливата Коко Шанел, а декорот славниот Пабло Пикасо. Рускиот балет останува во Монако, а Нижински со поматен ум ќе остане до крајот на животот во едно швајцарско село.
Една од најстрастните љубовни приказни од Ривиерата е на Зелда и Скот Фицџералд. Љубовта, залиена со многу џин и зачинета со многу невкусни скандали, ќе им заврши во лудница. Во потрага по духовен мир, Ривиерата често ќе ја посетуваат Хемингвеј, Шагал, Реноар… И сите на крајот ќе завршат, како вели нобеловецот Андриќ, убиени од сопствената страст!