Колумни
ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Отуѓени семејства – триумф на малограѓанштина
„Сите среќни семејства личат едни на други, а секое несреќно е несреќно на свој начин“ – големиот Толстој во романот „Ана Каренина“ .
Традиционалните семејства остануваат запишани некаде во историјата, низ литературата, се иселуваат од домовите градени со љубов и слога, полека но сигурно ги снемува како загрозена и ретка врста во исчезнување.
Во едно аномично и хаотично општество, многу е тешко семејството да се изолира во својот микрокосмос и да остане стабилно, негувајќи ги вистинските традиционални вредности, наспроти ладнокрвното отуѓување на макрокосмосот.
Бруталноста на семејното насилство станува секојдневие, вест, настан, вистина… и не се случило таму некаде во нечие филмско сценарио, туку тука, во реалноста, пред наши очи. Исконската содржина и етичките облици на однесување се развеани со виорот на модерното време, општествените ветришта како торнада ги корнат хармоничните домови туркајќи ги во амбис.
Интернет-генерацијата не поднесува семејни авторитети и традиционални норми за однесување, нивниот омилен дом е компјутерот, со него живеат и комуницираат исфрлувајќи ги книгите од полиците, семејните фотографии од албумите, топките и џамлиите од игралиштата, мандолините од репертоарот заменети за техно музика. Комуникацијата со родителите е преку смарт телефоните, со наставниците преку смарт таблите, а колепката како семејно јадро и одраз на личноста, со инсомнија предизвикана од „спиење“ со компјутери. Дури и традиционалното водење љубов пермутира во сајбер секс комуникација!
Во такви отуѓени семејства наместо жива човечка комуникација, како алатки за „мир во куќа“ се користат малограѓанските манири на купување љубов и среќа од продавници, а не од грижливите и посветени родителски срца. Многу често се задоволуваат и ирационалните барања на своите деца , за да се покаже и докаже дека сме нормално и посветено семејство, па дури и кога децата скршнуваат од патот одејќи во пропаст. Семејното гнездо станува пекол и не се знае кој повеќе страда, родителите или децата, но се знае кај кого е вината – секогаш кај нас возрасните!
Во таквите семејства, каде како ноеви во песок се мижи пред вистината и се гледа животот на сопствените деца од удобна ложа, отуѓеноста е многу погубна и опасна. Живот во лаги кога се работи за семејно насилство, прикривање на вистината поради страв од општествени етикети, се исто така малограѓански и примитивни семејни односи.
Во име на семејната хармонија родителите грешат и кога себично ги држат децата во „стаклено sвоно“ не знаејќи дека таквата „заштита“ е само штета, затоа што навремено осамостојување на децата е проследено со слободно, креативно и спонтано пронаоѓање и градење на личноста. Туторството е данок на тутократијата, насилствата на насилниците, отуѓеноста на отуѓените семејства кои не знаат како треба да го сочуваат својот мал микрокосмос во хаосот на макрокосмосот.
А има ли нешто посвето од семејството?!