Колумни
Татјана Алексиќ: Родителствување
„Ако сакате децата да станат добри луѓе, потрошете на нив дупло повеќе време и дупло помалку пари“ – Душко Радовиќ.
Како и учителствувањето, родителствувањето е одговорност, грижа, посветеност и безусловна љубов која не бара ништо за возврат. Кога ќе се свртиме наназад и ќе ги видиме нашите деца како оформени и реализирани луѓе, може да го препознаеме сопственото залагање во нив, покрај генетиката секако.
Како родител не можеш да изродиш или исчуваш повеќе отколку што можеш да образуваш и пренесеш знаење на своите ученици, но факт е дека карактерот на човекот се формира од најраната возраст, па ние учителките во средно образование не можеме баш многу на тема превоспитување. Но, воспитувањето на сопствените деца е најтешка задача за секој родител кој постојано треба да си го преиспитува и преполага сопственото убедување за пресудното значење на воспитанието! Или во духот на енциклопедистот и големиот педагог Жан – Жак Русо кој за воспитувањето на децата вели дека е работа за која мора да знаеме како го трошиме времето за да не го изгубиме.
Некој родители веруваат дека децата треба да се моментално среќни не ограничувајќи ги во нивните барања. Таквата среќа „денес“ може да ги унесреќи утре, кога ќе пораснат и ќе станат несигурни па дури и агресивни кога не може да се носат со проблемите и фрустрациите.
Некој родители преамбициозно им поставуваат високи критериуми за совршенство на своите деца во сите полиња, оптоварувајќи ги со вон училишни активности од најрана возраст, заборавајќи дека децата растат и осознаваат кога се играат. Секако не мислам на видео игрите, разни анимации на родителите за пред народ, или скапоцени играчки кои ги ставија во заборав старите добри игри, играњето на полјанка, народна, ластик, џамлии, камај-камај, криенка… Може и фота, ама со срамежлив бакнеж во образ. Кога би ја трошеле својата енергија во физичка игра или спортување( а не седење пред компјутер) би биле помирни на час, оти „здраво дете е немирно дете“ – вели Русо и не потсетува на здравиот детски дух кој бара место и простор за „трошење“ енергија. Но немирно не значи и невоспитано дете.
Некој онака, а некој никако, но секој родител треба да има цел на родителствувањето ако сака психофизички здрави потомци, ако сака пупката да процвета во убав цвет, треба постојана и активна грижа која не подразбира „туторство“ или „дишење во врат“ туку „невидлива“ присутност на родител во животот на своето дете. Барањата и очекувањата треба да се во складност со возраста, способностите и предиспозициите, инаку лесно може да ги турнеме во фрустрации или комплекси. Треба да ги научиме на одговорност и работни навики кои често не се така пријатни и забавни, но и животот не е така забавен. Треба почесто да ги фалиме отколку караме, но не пофалби дека се убави (што е природно наследство) туку зборовна награда за нивната работа и труд. Умерените позитивни критики се полезни исто колку што казните се деструктивни. Рамнотежата од толку многу воспитни моменти е нашиот родителски космос, ако го постигнеме ние сме го допреле космосот.
Ако по детството човек се познава, како денот по утрото (не секогаш, има исклучоци) да завршам со мудри мисли на помудрите од нас:
„Лоши родители се оние кои забораваат на гревовите на својата младост“ – Балзак.
„Децата се нашите утрешни судии“ – Горки.
„Ние не ги сакаме децата само затоа што ни се деца, туку заради љубовта која расте со нив“ – Маркес.
„Голем проблем на нашето време е што нашата младина ужива преголема слобода, веќе не е ни во можност да биде непослушна“ – Кокто.