Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Татјана Алексиќ: Водете љубов со книгите

Колумни

Татјана Алексиќ: Водете љубов со книгите

Книгите се волшепства, се што е во врска со духовност и креативност, творечка слобода и инвентивност, животни вистини и тајни, целосно понирање во човековата есенција и егзистенција, здомено е во книгите.

Книгите се чудо, ги има во разни облици, големини, содржини, видови, жанрови, типологии, со нив можеш до крај на светот и назад, тие живеат, дишат, толкуваат и зборуваат, водат љубов со нас… За жал, Гутенберговата галаксија како да е изморена, книгите стануваат алтернатива пред електронските помагала!

А разликата е длабоко суштинска кога книгата ја читаш држејќи ја во раце, или кога читаш туѓи мисли низ електронските пребарувачи. Исто како и кога водиш љубов со саканиот партнер без футролата на Чехов и ги разменуваш сите животни сокови во име на љубовта, или имаш секс заради секс со сите можни „помагала“!

Кога ги прелистуваш страниците од книгата ја чувствуваш миризбата на нејзината древност и светост, на човечките прсти кои ја допирале пред тебе, можеш да легнеш со неа, да заспиеш држејќи ја во раце, можеш и главата да ја потпреш врз неа, да ти служи како на овчарчето Сантијаго во „Алхемичарот“. Можеш да доживееш космос за само „11 минути“ како Пауло Коелјо во истоимениот роман, да научиш што е жежок секс од Трејси Кокс само со еден партнер, да го запознаеш мајсторот на Булгаков, а тој да те поврзе со Фауст и Мефисто, да ги препознаеш тажните курви на Маркез, круговите на Данте и Архимед, да потонеш илјадници милји под морето , да се искачиш на врвовите на Килиманџаро…

Ех што се нема во книгите, преку нив се судира човековата луцидност (желба за осознавање) и носталгичност ( немоќта да се осознае светот), во нив и Сизиф додека го турка каменот е оправдан во својата бесполезност, оти туркал без да се жали, без да се покори на боговите и бил среќен во својата надеж… Има ли надеж за книгите во рацете на идните генерации? Повеќе од било кога денеска е присутна мислата на Милтон „Да убиеш книга е исто како да убиеш човек“ – отфрлајќи ги книгите се отфрламе себе си, живееме паралелно покрај сопствениот живот како странец здомен во отуѓениот современ човек на Алберт Ками. „Цивилизацијата на книгата“ ја заменивме со „цивилизацијата на сликите“ , визуелната, дигитална и масовната култура направи своја империја каде книгите очајно се борат за својот вековен пиедестал, а ние учителките очајно ги одржуваме учениците во читачка кондиција за да можат вешто да се реализираат низ животот.

Книгите не учат на љубов и емпатија, не очовечуваат, ја претопуваат болката во радост, љубомората во љубов, болеста во лековитост, тагата во радост, минливоста во вечност… Книгите лекуваат комплекси, колку повеќе си начитан и продуховен толку помалку имаш потреба од докажување и покажување пред јавноста, те учат да бидеш едноставно силен, оти големите луѓе се големи поради својата едноставност.

Со брдо прочитани книги ја имаш самодовербата на највисокиот планински врв, при тоа да не си самобендисан и суетен туку мудар и задоволен. Книгата знае да се избори со моќта на парите, оти знаењето што го поседуваш крадците не може да ти го украдат, а молците изедат – отец Николај Владимировиќ и баш ти е гајле што одиш пешки или се возиш со бус или велосипед, додека другите те поминуваат со скапи возила, воздухот што го дишеме е исто загаден, „и сонцето и ветрот и дождот се еднакви за сите луѓе во светот “– Св.Кирил во „Панонски легенди“.

За своето полнолетство мојот постар син доби две енциклопедии за млади од вујко му, кој во едната напиша „Кога ќе ја прочиташ првата енциклопедија може да станеш милионер (алудирајќи на тогаш познатиот квиз „Милионер“ ), но кога ќе ја прочиташ и втората, милионот веќе нема ништо да ти значи …

Се надевам дека сите мои синови ќе растат со моќта на знаењето, макотрпно стекнувано целиот нивен живот, а сите мои синови и ќерки се и моите ученици…

За читачка работна седмица, ВОДЕТЕ ЉУБОВ СО КНИГИТЕ <3

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.