Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Колумни

Теломанија

„Ех да имам лепо тело плесао бих вече цело “ – Рок групата „Лабораторија звука“ , осумдесетите години на бившите Ју простори , преку песна стави акцент на телото.

Сега, во новиот милениум ,телото става акцент врз севкупниот живот, телата се отелотелија насекаде, триумфално ги има на виделина, на сите наслови од списанија, книги, це-диња, облеки, аксесоари, билборди, sидови, а најмногу во служба на интернетот, фб, инстаграм и снапчатот.

Низ историјата, ренесансата му сврти грб на средовековието и заостанатоста, наместо фрескосликарство со испоснички ликови, се сликаа портрети и актови како Гола Маја на Франчиско Гоја, здрави и едри тела полни со живот со суптилна еротичност и дефинитивно, вонвременска уметничка вредност. После црковните догми и стеги, природно беше да се појави ново културно, литературно и филозофско движење, Хуманизам и ренесанса, со кое ќе се препороди општеството и ќе се стави акцент врз човекот и неговата природа уште во далечниот 14 век. Но како сега да си го објасниме овој наш милениумски „препород“ , што изродивме во 21 век како нус појава на потребата за отворено размислување, демократија и борба против предрасуди? Отидовме ли во контра насока каде се изгубија основните естетски и етички принципи, без оглед на прогресивната технологија и медицина, одиме рикверц, а мислиме дека сме напредни и дека одиме напред . Ја прифаќаме и славиме голотијата, која се нуди во многу излози и амбалажи, се вративме назад во минатите развратни времиња на пропаднатите царства.

Од странските списанија бомбардирани сме со илјадници идеализирани и фотошопирани слики и (не) свесната споредба со нив води кон разочарувања во своето тело. Летниот период е време на разголување и соголување на суштинскиот проблем, комплексот на инфериорност и супериорност, две крајности на човековото его. За да се остави впечаток на убаво тело, се користат истите методи како и со шминкањето, прикривање на недостатоците и истакнување на предностите, нешто за кое ние жените сме повешти од мажите (освен ако не е метромен во конкуренција ). Но поголема маска и камуфлажа , на каква и камелеоните би смениле боја, е фотошопиријадата, нова атлетска дисциплина на брзо разубавување, револуционерно откритие на новото виртуелно време и предигра за понатамошните естетски корекции. Правиме фотки во кои се вљубуваме и им веруваме дека сме такви и во природа, сега не важи она ,, чекај само да ме видиш во живо” , туку ” чек на фотка на фб да ме видиш” .

Кога едно тело ќе се искорегира до својата перцепција за совршенство и убавина, тогаш мора да се покаже. Каква корист ако не е на виделина, без оглед што не се работи за јавна личност на која покажувањето во јавност е опис на работната позиција. Се покажа с,е што стаса и не стаса , се покажаа сите можни пози, атрибути, костими, етикети и понекоја заднина ( мислам на пејзаж или декор како амбиент), се зборува, озборува, пишува, коментира, се водат емисии и дебати за неговата екселенција – разголено тело. Пак ни се случува да ја оживуваме приказната „Царевото ново одело“ , кога измамниците го лажат суетниот крал и тој „пиштол“ гол се шета пред народот. Поентата на таа приказна е дека поданиците, полтроните и народот повеќе и веруваат на власта отколку на сопствените очи , а единствените суштества со ширум отворени очи се децата. Сега, таа древна приказна, во ова наше ново милениумско руво, ги занесе и децата, и тие почнаа од мали нозе да се селфираат и натпреваруваат со своите згодни мајки, верувајќи дека во животот е најважен физичкиот изглед.

Погрешно, отидовме многу во рикверц наместо во прогрес! Им наметнавме и на децата да негуваат култ кон физичкиот изглед, а не кон духовноста. Да се биде убав и да се разубавуваш умерено е многу природна, човечка потреба уште од искони , но неумереноста, хипереротизацијата, нахалноста во објавување фотки со видозменет лик и тело , стана феномен на хибриден човечки изглед. Дали нешто е убаво или грдо зависи од многу критериуми, ние сме поднебје на природно убави луѓе и ваквото „патење“ по подобар изглед мора да е некоја колективна фрустрација. Проблемот е поголем колку повеќе се ставаат идеализирани совршени слики како би требало да изгледа едно убаво тело. Приказните од детството, дека добрите вили и принцези се тенки и убави, а лошите дебели и грди и дека на убавото тело му се отворени сите порти е колективна психоза, ние како под хипноза веруваме дека е така и манијакално се трудиме за таков изглед. Децата ни се анорексични, булимични и несреќни поради нивната дисморфија или незадоволство од своето тело, естетските третмани прескапи и недостапни, а ни после нив духот не го пронаоѓа својот мир туку бара уште, с,е додека не си го смени личниот опис кој ја губи суптилната убавина. Убавите тела ги води инстинктот да се покажат, да се објават и обелоденат барем на социјалните мрежи , телата преку лето ( познати или непознати сеедно) се отелотелија на сите можни портали. Фејсбукот треба да се преименува во Бодибук , па и да се изучува анатомија на човековото тело, достапни се сите делови и органи, дури и најскришните.

За убаво тело треба здрава храна, удобен кревет, удобни чевли за пеш низ светот, вода , сапун и кокосово масло, жените да раѓаат и креираат, а мажите да работат физичка работа. Секако и некој квалитетен ген не е вишок!

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.