Тетовирани (прв дел)
Сегашноста е истетовирана повеќе од сето минато, тетовирањето стана современ феномен и инспиративна тема, особено во лето кога е видливо изложена во сопствениот излог на најголемиот човечки орган – кожата. Но кога нешто станува мода – веќе не може да фасцинира!
Феноменот тетоважа е стар колку и човештвото, некогаш користен за да ги маркира отфрлените, некогаш почестените, но тату симболите низ историјата не припаѓале на мејнстримот како во сегашноста. Најстари докази за тетоважа откриени се на територијата на Евроазија, околу петтиот милениум пред новата ера, а содржеле точки и линии на долниот дел од грбот, коленото и глуждот, што според научниците укажува дека се работело за акупунктурни точки. Тетоважите биле присутни уште од каменото време, препознатливи по скромни цртежи на рацете како знак за маргинализирани групи, подоцна во спиритуални и естетски цели, но со примитивни и болни техники на површинско засекување на кожата. Старите цивилизации различно ги користеле тетоважите, меѓу другото и во магиски цели, ритуално одбележување на поглаварите на племињата, често проследени со инфекции и смрт. Во древна Кина биле толкувани како варварски обичаи, но сепак користени како доказ на припадност на робовите кон робовладетелите, нешто слично како денешното жигосување на животни.
За разлика од древните времиња, поновата историја „тетовира“ некои нови и поинакви правила. Некогаш тетоважи можеле да се видат само на затвореници и проститутки, пардон, сексуални работнички, подоцна кај морнарите, војниците, а сѐ уште може да се сретнат жени со истетовиран крст на чело како симбол на верност кон бога, или бемка а,ла Мерлин Монро над усните. Тетовирањето во текот на 17, 18 и 19 век добива нова функција, темната страна на човекот „ dark side of the moon“ се црта на лицето на криминалците како казна или замена за нехуманото отсекување на носот или увото ( нова естетика на криминалот). Таканаречените Едо криминалците се тетовирале на темето со симболот на првата генерација самураи, Токигава ,за да одбегнат смртна казна, но егзекуторите им ја дереле кожата на тоа место пред да ги погубат.
. Џејмс Кук, патувајќи по Пацификот и запознавајќи разни егзотични племиња ќе го донесе во Британија за прв пат зборот „тату“, а неговиот офицер сер Јозеф Бенкс, инаку познат во аристократските кругови, ќе се врати тетовиран во конзервативната Англија. Секако и покрај озборувањата за тетовираниот претседател на Кралското друштво (The Rojal Society) сер Бенкс ќе остане запаметен по уредувањето на кралската ботаничка градина и интродукција на еукалиптусот, па „студените“ Англичани ќе му го простат егзотичниот хир на кожата. Во историјата е познато дека биле истетовирани кралевите Џорџ V и Едвард VII, рускиот цар Николај II и кралот на Данска Фридрих IX – ( подобро да се тетовираат отколку да се трујат во гнилото кралство) .
Модерното време во Јапан ќе стави примат на тетовирањето на припадниците на Јакуза кои сметале дека тетоважите се интимна работа. Тие го тетовирале целото тело до ракавите и вратот сметајќи дека културата на тетовирањето не треба да влијае врз општествениот живот и да е достапна секому.Нивната философија била секогаш најдоброто и првокласното за себе : облека, превозни средства, локации и жени. Предрасудите за Јакузи мафиите ги претставуваат како агресивни негативци, но тие знаат да работат многу позитивни и хумани нешта, да помагаат при елементарни непогоди во Јапонија и да им ги чуваат огништата на напуштените домови. Културата на тетовирањето во Јапонија сѐ уште е табу тема, но убавината е во нивната затскриеност од очите на јавноста. Впрочем, убавината е во таинственото и скриеното, како свитците кога јасно ги гледаш само ноќе.
Сите овие историски податоци укажуваат на крајностите во изборот на личностите што се тетовирале, се тетовирале припадниците на ниските или на високите слоеви, или отфрлените или привилигираните, а средната класа никаде не се спомнува како заинтересирана за боди арт. Уметноста на цртање по тело добива естетска функција дури осумдесетите години на минатиот век, преку естрадните икони, а станува популарна токму кај средната класа. Техниката не била усовршена како денес, најчесто се случувала во нелегални услови, а цртежите биле дводимензионални и со јасни контури.
Тетовирањето како мода почнува при крајот на 20 и почетокот на новиот милениум, со еден силен императив за покажување пред јавноста, за инает на сите претходни историски и социолошки ограничувања. Денеска тетоважите се за јавно манифестирање на животниот стил, не ретко престиж и етикетирање во општеството. Тетовирањето , било уметност било хировитост, може и да се отстрани со современата ласерска технологија кога ќе се посака. Старата техника на цртање со к,на функционира и денес, особено во летните периоди и лесно може да се отстрани со беби масло, а тоа често го практикува Мадона според потребите на нејзините спектакуларни спотови и уметнички фотографии.Една од најскапите тетоважи од милион долари е сопственост на познатата манекенка Кејт Мос , дело на сликарот Лисијен Фројд.. Џони Дип се колне во своите тетоважи сметајќи дека неговото тело е негов дневник, а тетоважите приказни…по раскинување на врската со Винона Рајдер ќе избрише две букви од нејзиното име и ќе добие практична верзија од остатоците на љубовта со натпис Wino Forever.Најпознатиот метромен Дејвид Бекам е шампион по бројот на тетоважи по мускулестото тело, преку триесет.
Новиот милениум со многуте новини и даде ново руво на тетоважата како облик на општествено брендирање, а самиот чин, избор на симболи и пораки е мета на разни толкувања, почесто нестручни отколку стручни. Честа мета на озборувања се токму тетовираните, заради видливоста на нивните животни приказни, симболи или пораки, но не секогаш се прецизно јасни и соодветни на пораката, има нешто скриено во порите што не се гледа со око, нешто и во срце истетовирано.
Последните две децении тетовирањето ја доживува својата кулминација. Се тетовираат малолетни, полнолетни и долговечни, адолесценти и климактерични, мажи, жени, а и животни – но тоа е друга тема, можеби за Орвеловата животинска фарма. Се тетовира речиси секоја регија од кожата дури и најинтимната, што во последно време стана предизвик на најсмелите или најтаинствените, нивната тетоважа може да ја видат само привилигираните. Дури ни Мето Јовановски во својот императивен восклик „Признај, признаја п… ти м….. во филмот Тетовирање, не би ги натерал да признаат во јавност ! Еротските тетоважи стануваат популарни токму поради таинственоста, колку помалку видливо – толку повеќе привлечно. Ева Лонгорија ги има истетовирано иницијалите на својот сопруг, Тони Паркер, на само нему видливиот дел од телото и додека светот го знае тоа, само сопругот го ужива истото.
Ако е вистина дека една слика значи илјада зборови, тогаш една тетоважа би била реципроцитет за илјада прочитани страници од различни книжевни жанрови. Кој би можел да суди за другите и остатокот од светот, да шири пропаганди и предрасуди пред да прочита или научи нешто ново? Никој учен не би играл така, прво би осознал и би ги прифатил различните од себе. Психолозите и социолозите може да имаат разни научно поткрепени толкувања, но сепак, времето ја има моќта да ги потврди тетоважите како уметност, помодарство или кич кој не баш лесно се брише…