Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Трета светска вирусна!

Колумни

Трета светска вирусна!

Нема историја без војни, човекот е воин, нагонски сака да војува и освојува, а никако да сфати дека во ниту една војна нема победници, секоја војна има само губитници, (па и кога се војни профитери) и завршува со глобален пораз, со човечки жртви.

Ковидот го предизвика човештвото и перфидно без најава му објави на светот Трета светска војна, различна од сите досегашни. Сега војни пунктови и жаришта се човечките организми и во зависност од генетиката, имунитетот и кондицијата на здравјето, таква ќе биде борбата. Спејс смарт вирусот не тропа на врата, не бомбардира, не пука, не коле, ниту беси, новиот невидлив воин е ,,посуптилен” кога напаѓа, оспособен е да онеспособува, го скенира телото, детектира слабости и разорува. Разорува и тело и дух, единка по единка, но не одеднаш и не сите еднакво, му дава време и шанса на човештвото, не е толку фашисоиден, колку што е перфиден.

Нема да се инфицираат екстремно претпазливите и к’сметлиите, оние кои не мора да излегуваат надвор од живеалиштата, ќе се изборат имунолошки силните и витални луѓе без коморбидитети, оние кои имаат добар одбранбен систем и тајно оружје, Т клетки. Фала Богу што вирусот е селективен, што дава можност да опстанат здравите, цврстите организми (она што е невозможно во класична војна, оружјето коси без дијагнози). Чистката на болежливите, некој во прва рунда, некој подоцна од последиците кои постепено докрајчуваат во облик на разни активирани болештини, алудира дека новиот милениум сака здрави генерации…

Светот доби наличје на научно- фантастичен филм, во војната на вирусите и екстремно силниот имунитет губи битка по цитокинската олуја. Изненадувања и невообичаености колку сакаш, крајот не се фаќа. Коронашите имаат мини војна во заразениот организам, де борба, де примирје, освоени и неосвоиви територии, еуфорични премини од страв кон среќа, мир па немир, де солзи , де наивни насмевки на дете кога го засмејуваш дур се глупираш. Единствената регрутирана надворешна војска, која умее да се бори со невидливиот, се докторите и здравствениот систем, се справуваат на бојно поле до последен здив и јака им душа, поклон до земја! Повоениот период на твојот организам го преживуваш индивидуално, после сите можни прегледи кога ќе ги добиеш сите лекарски наоди, ќе знаеш која територија е за санација и реконструкција.

За менталните проблеми и нарушувања ќе треба време да се констатираат, но ако губиш вкус и мирис без да кивнеш, добиваш пнеумонија без температура и без да се закашлаш, епа нешто е ненормално во новото нормално, нешто е мадрфакрвирус! Остатокот од цифрите на незаразени, многу да се пазите, една секунда деконцентрација и воинот влегува и преку маска, преку око, без да те гледа попреку за опомена! Сепак, секое страдање дава можност да излезат можностите на човекот, сиот негов потенцијал и јунаштвата кои на маки се мегданат… Коронаши од сите видови обединете се, барем во една афтерковид парти во поздрави времиња. Доброволно и ударнички да градиме ,,патишта и пруги” меѓу луѓето, не толку заради идеологија, колку заради сѐ поизвесната немаштија, да даруваме крвна плазма каде е потребна, најдоброто нешто од прележаниот вирус- можност да спасиш сопаталец, секако ако си развил антитела! ❤

Иљач за време на секаква болест е љубовта, таа крепи и крева, дава сила од сите страни. Да се заразиме со љубов кон човештвото, грижата и одговорноста еден кон друг е најсигурната вакцина. Ќе завршам со космополитскиот цитат од романот ,,За кого бијат камбаните” на нобеловецот Хемингвеј: ,,Смртта на секој човек ме смалува и мене, затоа што сум дел од човештвото…Затоа никогаш не прашувај за кого бијат камбаните, тие бијат за тебе”- Хемингвеј.

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.