Колумни
Уметноста на пријателствувањето
„Ако ние мразиме некој човек, тогаш во неговиот лик мразиме нешто што е всадено во нас. Она што не е во нас, тоа не н,е возбудува“- Херман Хесе во романот „Демијан“.
Возбудата на пријателството, вистинското пријателство, е рамна на возбудата на љубовта со сите нејзини сетила. Уметноста на спријателувањето, на пријателствувањето низ сите животни премрежија е градење животни споменици со уметничка вредност.
Живееме во турбулентно време на големи општествени и индивидуални судири, пријателството ги губи своите традиционални обележја и преживува криза. Во такви драматични моменти на современото општество, алхемијата на пријателството и нејзина најважна димензија, довербата, ја снемува заедно со љубовта ( една без друга не можат).
Феноменот да останеш пријател со некого кого речиси го немаш во секојдневието, но кога ќе се видите с,е продолжува каде застанало, е токму во некогаш стекнатата доверба која трае вечно како и безусловната љубов.
Сепак, за опстанок на пријателството поважни се чувствата отколку интелектот, моќта на карактерот е пред моќта на интелигенцијата. Човек без чувства и карактер, не може да има вечни пријатели.
Во библијата е запишано дека оној кој ќе најде пријател како да пронашол благо… Но тоа благо е блажено, благосостојба е да се има и кога се нема, да си со пријателот и кога несвесно ти станува непријател, да го вратиш назад, да му ги прифатиш промените, да му ја разбереш страста па дури и кога е ниска… Тој е твој избор, слобода на избор на пријател е твој индивидуален белег или во духот на Ниче ,„Кажи ми ги пријателите за да знам кој си“.
Многу почесто низ животот сме поблиски со пријателите отколку со роднините токму поради изборот и нашата морална интелигенција. Вистинското пријателство е врв на љубов и не смее да чекори со страв и недоверба низ животот, инаку добива друга димензија, позадина чија заднина се ниските страсти. Да му помогнеш на пријателот значи одбрана на сопствениот став и избор, да се потврдиш себеси како самобитна индивидуа.
Пријателството се гради и негува, но исто така може да се деградира и разгради кога веќе не е само по себе цел туку цел на интерес, интрига, измама и … долга е листата на ниските страсти. Довербата , како база за градење пријателство, е безрезервно прифаќање на различниот од себе, комуникација без говор, разговор со гестикулација, да умееш да му го видиш и лицето но и сенката на пријателот, да бидеш крај него и кога не е во право и кога е раздразнет , особено кога е неправеден кон тебе…Пријателството знае нечујно да ја смири и злобата со тивок допир…
Инспирирана од мојот најголем пријател, книгата, но и од љубовта кон пријателите, почнав со Херман Хесе и ќе завршам со неговите размисли од романот Демијан.
„Животот на секој од нас е пат кон самиот себе, показ на еден пат, навестување на една патека. Ниеден човек никогаш не бил тој самиот, но се стреми тоа да стане, некој подмолно, некој појасно, но секој како умее. Човекот ги носи остатоците на своето раѓање до крајот на животот, слузта и черупката на еден прасвет и некој никогаш не станува човек, не станува пријател, туку останува гуштер…“