Колумни
Здодевност
Чекаме , проклето здодевно чекаме некој да дојде, нешто да се случи, ветер да дувне, дожд да не плакне, снег да не обели, името да не се промени.
„ … Но меѓу чакали, кучки и пантери страшни, меѓу мајмуни, скорпии, орлишта и змии, меѓу тие развревени, разгалени стии, во sверилникот срамен на гревовите наши…
… Има sвер позлобен, погрд и повеќе нечист од сите седум смртни гревови“. Здодевност!
Таа опасна sверка како проклетство се наследува и насладува во сите општества , во кои модерниот човек ја губи смислата за постоење и способноста за чудење. Најлуцидните писатели од 19 и 20 век поетски проникнуваат во порите на отуѓениот човек. Шарл Бодлер е поет кој збирката песни „Цвеќиња на злото“ ќе ја посее со сплинот на здодевноста, која никако да се пожнее ниту искорне од црниот дроб на човештвото.
Во овој 21 век, толку тривијален, театрален, виртуелен, забрзан, забрефтан од иновации и манипулации, здодевноста пирува како никогаш претходно. Способноста за чудење е почеток на мудроста, која во новиот милениум ја снемува – веќе никому ништо не му е чудно! Модерниот човек е странецот на Албер Ками, странец сам себеси , кој го живее животот покрај животот, мртов пред смртта. Таа рамнодушност не турка во бизарност и гротескност, затоа и заличуваме на карикатурните ликови од драмата на Бекет, „Чекајќи го Годо“.
Чекаме , проклето здодевно чекаме некој да дојде, нешто да се случи, ветер да дувне, дожд да не плакне, снег да не обели, името да не се промени. А воздухот сѐ потежок, моралот сѐ полесен, живот сѐ поздодевен, а толку многу случувања… Се навикнуваме на прпелање во место и мислиме дека нешто се случува, како кутрите мали хрчци кога сизифовски го вртат тркалото. Од такво обезличено општество , само еден чекор е до вртлогот на здодевноста кој ги голта последните капки животна енергија.
Здодевноста е „афективен одговор“ на наметнатите околности на постојано повторување едно те исто, па исто и ништо не можеш , па тоа ти е. Има разлика меѓу она кое човекот е принуден да го прави и она кое сака да го прави. Разликата е темел за втемелување на рамнодушноста – најлошата од сите можни решенија. „Ми е гајле за сите и за сѐ“ и „Ме боли уво за сѐ„ е познат шаблон на одбранбениот човечки механизам кога те повредуваат. Но, кога ќе стане состојба на неминовност, животот е прокоцкан, продаден на ѓаволот, на sверот кој го турка човекот кон сите пороци. Е тогаш времето застанува, тоа е мртво време на битисувањето без активен став и одговорност кон животот, кој се создава во бунило, но стивнува во здодевност.
Презаситеност од сѐ, достапност до сѐ, можност за сѐ, севкупност од сѐ …Сѐ или ништо е крајност, која му доликувс како мотив само на уметник како Достоевски. Ние обичните, создаваме површна слика дека сѐ е поминато и веќе видено. Тогаш самиот на себе стануваш здодевен.
Пасивноста и беспомошноста се природни состојби на човек без креативност, идеали и морални вредности. Човек кој не може да биде сам со себе, не може ни со другите, својата апатија ја пренесува на другите и никој не сака такви во своја околина. Затоа, едно од најтешките проблеми на модерното време е токму излезот од царството на здодевноста, особено кога се работи она што не се сака, или воопшто не се работи ништо.
Посегнувањата по предмети за разбивање здодевност, медикаменти и „вештачки раеви“ . не се „анти-досада“ решенија, затоа што здодевноста е празнина на постоење. Нема ништо поскапо од евтина разонода – цехот скапо се плаќа. Чудете му се на животот, на луѓето, и осознавајте ги – тоа не значи дека не ги прифаќате различните, туку напротив, станувате помудри.
Здодевноста е грев кој не турка во порок.