Колумни
Жени
Посветено на жените во најженствениот и најпревртливиот месец во годината, со рецептот за убавина на Одри Хепберн:
– „За атрактивни усни зборувајте само добрини. За убави очи гледајте само убавини во луѓето. За совршена линија делете ја храната со гладните. За здрава коса дозволете им на децата да ги провлекуваат своите прсти низ неа. За добро држење чекорете знаејќи дека никогаш не сте сами“.
Да, таква е убавината, совршена во несовршеностите, извира од секоја женска пора, од сите нејзини рабови и облини, од погледот, зборот, гестот, допирот… Затоа е магична, често скриена, невидлива за сечие око и вкус, но сеприсутна и вонвременска само ако умееш да ја препознаеш. Жените се митски суштества, во секоја жена се крие некоја божица. Првиот неофицијален избор за убавица, според митологијата, бил на Олимп, кога божицата на раздор Ерида ќе го фрли златното јаболко со титула ,,на најубавата” и ќе направи кавга меѓу трите божици Хера, Атена и Афродита.
Причината за Тројанската војна не е само резултат на суета и престиж, туку и на машки егоизам – Париз го доделува златното јаболко на Афродита , а таа за возврат му ја ветува убавата Елена, жена на кралот Менелај и ете ти војна. Елена навистина била божествено убава, што не може да се каже за Клеопатра, нејзините адути биле самодовербата и амбициозноста. Така да, секоја самосвесна жена треба вешто да ги користи своите предности како убавина, памет, шарм, креативност, духовитост, духовност, амбиција, интуиција…но уште повешто да ги скрие своите мани.
Жената поседува бескрајно многу атрибути за лично и колективно задоволство. Карл Јунг во психологијата го воведува терминот архетип , како инстиктивно однесување на луѓето содржано во колективното несвесно , ,, виновно” за однесувањето според универзални принципи. Така да, додека читаме митови и приказни често доживуваме мистични искуства, препознавање и асоцијации на одредени божици во нас, според нивните карактерни особини и приоритети.
Во секоја од нас понекогаш се крие заводливата божица на алхемијата Афродита, мудрите и девствени Атена и Артемида, мајката Деметра божица на плодност и брак, но и лошките Пасифаја, Медеја и Ерида. Жените низ историјата ретко биле третирани како божици, дури и кога биле со сина крв, да не го заборавиме страшниот период на средовековието кога бил извршен најголемиот геноцид врз женскиот род со благослов на инквизицијата, која безмилосно жените ги прогласувала за вештерки и ги палела на клада. Уште многу такви ,,вештерки” ќе се реинкарнираат во борци за женските права и ќе летаат на своите метли низ историјата. Забележана е по својата храброст Мадам де Стал во 18 век, интелектуалка и предвесник на романтизмот, писателка која ќе му се спротистави на еден император како Наполеон и секако ќе биде во негова немилост.
„Зарем она мене да ми се спротистави” – може да се прочита и слушне во овој современ век како екот од старогрчката трагедија „Антигона” , лик кој се спротиставува на наредбата на кралот и вујкото, секако казнета со смртна казна поради непослушност ( пример за женската подреденост и потчинетост уште пред нашата ера ).
Во нашата литература, прв книжевен лик на еманципирана жена е Доста Рожденката од романот ,, Крпен живот” која во една рурална средина ќе донесе градски манири , како на пример носење шамивче и килоти, заради што ќе биде озборувана од примитивната селска средина. Секоја добра идеја осудена е од толпата осредни и неуки, така да борбата за женска еманципација од 1910 година со Клара Цеткин, трае ли трае…
Дали сме среќни со таква еманципација, самостојно да заработуваме, сами себе да се частиме и наградуваме ( под честа ни е мажот да не финансира), да се грижиме за домот и децата после работното време кое трае ли трае и кога влегуваме дома избезумени од професионалните работни ангажмани? Згора на тоа, треба архетипски да ја разбудиме заспаната божица во нас (Афродита, Атена , Деметра или Мерлин Монро) и во стилот на Клеопатра, вешто и амбициозно да го заведеме саканиот маж ! Ех еманципацијо, не си така едноставна, ослободени од раката на мажот и брачните стеги (mancipacija значи брачна потчинетост, брак од интерес) жената се оптовари и физички и психички, а се уште ја нема материјалната еднаквост (помали плати за иста професија) и иста застапеност на високи функции и општествени позиции (жени во државнички и политички функции).
Останува реториката, дали да се бориме или да се одмориме, да ги оставиме мажите да работат и за нас како во старите времиња. Звучи симпатично, но само ако има такви мажи џентлмени благодарни за вашата мајчинска и домаќинска ангажираност. За крај, како осмомартовска честитка, стиховите на Марта Ривиера Гаридо, во императив за мажите, случајно да не се заљубуваат во сѐ она за кое се боревме низ историјата :
Не заљубувај се во жена која чита, која премногу чувствува, која пишува…
Не заљубувај се во образована, магична, екцентрична, луда жена!
Не заљубувај се во жена која размислува и која знае како да лета – жена која е сигурна во себе.
Не заљубувај се во жена која се смее или плаче додека води љубов, не дај Боже да се заљубиш во жена која сака поезија (овие се најопасни), или која поминува пола час размислувајќи за некоја слика и не може да живее без музика!
Не заљубувај се во жена која се интересира за политика, која е бунтовна и која чувствува огромен хорор кога се работи за неправди!
Не заљубувај се во жена која е интензивна, забавна, луцидна и несоодветна.
Не! Не посакувај да се заљубиш во таква! Затоа што ако се заљубиш, без разлика дали ќе остане со тебе или не, без разлика дали те сака или не, никогаш нема да можеш да се опоравиш од таква жена!