Магазин
Аеро-кик со Марија Костовска: Затегнато тело, топење на масни наслаги и исфрлање на негативна енергија
Активирање на сите телесни мускули, брзо топење на масни наслаги, исфрлање на негативна енергија, а со тоа зачувување на психичкото здравје, обликување на телото и доведување во топ форма, превенција од сите болести предизвикани од гојазност, се само дел од придобивките од тренирањето на аеро-кик.
Аеро-кик, како спорт е совршена комбинација од аеробик вежби и кик-бокс, наменет за жени со „бунтовен дух“ кои сакаат да го доведат своето тело до совршенство.
Државната шампионка во кик-бокс, закитена со многу награди на меѓународни натпревари и сопственичка на Б.К. „Кисела Вода – Јуниор“ Марија Костовска, со слоганот „тело за лето се прави во зима“, секојдневно ги мотивира жените „послушно да ја следат“.
За тренинзите на аеро-кик таа вели дека станува збор за многу динамични вежби кои го активираат секој мускул, а со тоа телото се тонизира и ги снемува масните наслаги.
– Пандемијата со Ковид-19 за жал на сите влијаеше многу лошо, како на физичката, така и на психичката состојба. Кик-боксот и боксот се мојата страст и љубов, па преку нив најдов соврешна комбинација на вежби со која ќе им помогнам на жените во ова лошо време. Конечно мерките се олабавени па се собираме во сала и интензивно работиме на себе, а после секој тренинг сите сме во „зен“, истакна Костовска.
Таа нагласи дека максимално се труди секој тренинг да е различен, прво за на сите да им биде интересно и да останат мотивирани, а истовремено подеднакво да се работи на секој дел од телото.
Дисциплината е дефинитивно нејзината најдобра карактеристика, па како жените и девојките, така и дечињата кои ги тренира бокс ги учи на таа добра навика во ова „нездраво време“.
– Децата се мојата прва љубов, како и боксот. Моето десетгодишно искуство сакам да го пренесам на новите генерации. Покрај на дисциплина, децата се учат на здрави навики. Секој спорт е добар и дефинитивно препорачувам спорт за секое дете. Се трудам уште од мали нозе таа љубов да им ја вкоренам. Среќни се, се дружат, многу се трудат, а тоа е нешто што мене ме исполнува секојдневно и ми дава мотив за се повеќе да работам, вели Костовска.
Марија тренинзите со аеро-кик и бокс за деца ги одржува во сала во Кисела Вода која е одлично опремена, па секој кој сака може да се приклучи и да ужива во тоа прекрасно искуство.
Таа порачува „вежбајте за здравје, секако сите сте убави“.