Ви препорачуваме
ЦВЕКЛО, КРОМИД, ВИНО И ЗЕЛКА: Бојадисајте ги велигденските јајца со природни бои (ФОТО)
Материјалите со кои во минатото се бојадисувале Велигденските јајца, се разликуваат од оние кои ние денес ги користиме. Денес, Велигденските јајца најчесто ги бојадисуваме со индустриски бои.
Во минатото за бојадисување на Велигденски јајца, се употребувале материјали кои ги имало во природата. Тоа биле главно билки и зеленчуци, како и листови на одредени видови дрвја (цреша, даб…).
Ако никогаш не сте користеле ваков начин на бојадисување, сега е вистинското време да се обидете оваа година Вашите Велигденски јајца да ги бојадисате со природни материјали. Овој начин на бојадисување е исто така интересен за децата, кои имаат можност истовремено да научат нови начини за употреба на природните материјали, зачини и зеленчуци.
Едни од најчесто користените природни материјали се: лушпа од кромид, цвекло, црвена зелка, морков, спанаќ, црвен пипер, зачин куркума, шафран, чај од шипинки, зелен чај, кафе, боровинки и на крајот и виното.
Жолта боја: Зачинот куркума и морковот ќе го бојадисаат јајцето жолто. Интензитетот на бојата се зголемува со истовремено користење на двата материјали. Земаме 3 лажици од зачинот во прав куркума и 3 лажици од изренданиот морков. Вариме 30 минути и оставаме да се излади, после што ја прецедуваме смесата. Во изладената течност ги ставаме топло сварените јајца и ги оставаме да ја апсорбираат бојата, околу 30 минути до 1 час. Наместо зачин куркума може да употребиме и шафран. Шафранот и ренданиот морков ги оставаме да отстојат 4 часа, а потоа ги вариме половина час.
Црвена боја: цвекло – бојата ја подготвуваме со 3 чаши сок од цвекло и 1 литар вода, на што додаваме и 1 лажица бел оцет. Во подготвената боја, на тивок оган ги вариме јајцата околу 15 минути и ги оставаме да отстојат во неа. Колкав ќе биде интензитот на црвената боја на јајцето, зависи од тоа колку време јајцето ќе отстои потопено во течноста. Јајцата ги оставаме во течноста минимум уште 30 минути, а доколку сакаме потемна црвена боја јајцата ги оставаме и до еден час.
Окер – црвено – кафеава боја: 2-3 раце лушпи од кромид на 1 литар вода. При бојадисување со лушпи од кромид, може да постигнеме различни нијанси на бои. Доколку јајцата после варење, со лушпите во кромид ги оставиме да отстојат кратко време во изладената течност, добиваат златно жолта боја. Ако пак јајцата после варењето отстојат подолго време во течноста, ќе добиеме црвено кафеава боја. При бојадисување на јајцата со лушпи од кромид, често пати лушпите се користат за украсување на Велигденските јајца, со сликички во форма на разни листови или цветови. Боровинки: вариме концентриран чај од боровинки. Во него 15 минути на тивок оган ги вариме јајцата. Јајцата ги оставаме да отстојат некое време во течноста – времето на отстојување зависи од саканата боја.
Виолетова боја: Сок од малини или црвено вино (домашно) за да добиеме пурпурно црвена боја. Јајцата ги вариме во течноста 15 минути и ги оставаме да се изладат во течноста во која се вареле. При користење на вино, на површината на јајцето се оформуваат мали кристалчиња.
Сина боја: Црвената зелка ситно ја рендаме и врз неа наливаме онолку вода колку што е потребно целосно да ја покриеме и вариме 30 минути. Потоа ја оставаме да отстои 1 ден и прецедуваме. Во оладената течност ги оставаме претходно сварените јајца да отстојат 30 минути. Течноста за бојадисување има темно црвена боја, а јајцата се бојадисуваат сино.
Зелена боја: Спанаќот ситно го сецкаме и врз него наливаме онолку вода колку што е потребно целосно да се покрие. Го оставаме така да отстои 4 часа, потоа спанаќот го вариме 30 минути и оставаме да се излади. Во изладената течност за бојадисување ги потопуваме јајцата и ги оставаме 30 минути. Наместо спанаќ може да употребиме и коприви.
Кафеаво – зелена боја: 30-50 g ментол чај се меша со 1 литар вода, 2 лажици оцет и се вари 30 минути. Можеме да додадеме и по некој лист од орев. Така добиената течност за бојадисување ја оставаме да се излади и во неа ги бојадисуваме јајцата – времето на бојадисување зависи од саканата боја. Колку подолго се јајцата во течноста, толку потемна боја добиваме.