Магазин
Ексклузивен фото-едиторијал за авангардната колекција на Елена Лука “Back2Black”
Оваа година македонскиот моден бренд Елена Лука го прославува својот 10-годишен јубилеј, како сублимат на една исклучително значајна приказна за македонската модна сцена.
Со својот авангарден и артистичен пристап кон модниот дизајн, Елена Лука постави високи стандарди што за домашната модна индустрија значат приближување кон светските модни текови.
Визионерскиот поглед не само во дизајнот, туку и во целиот концепт на работењето, ја носи Елена Лука секогаш чекор пред своето време, диктирајќи го правецот со кој домашната сцена станува дел од глобалната модна слика.
Пред официјалната јубилејна колекција, чија промоција е најавена за септември, Елена Лука креираше артистична линија насловена „Back2Black” во која се обединети сите начела во кои се огледува перфекционизмот на модната куќа. Со симболичниот предзнак 10, што во различни форми се проткајува низ колекцијата, акцентот е ставен на јубилејот што потсетува на сите заложби на модниот бренд за уникатен, бескомпромисен моден дизајн во кој се препознава индивидуализмот како ракопис на уметникот.
Приказната за „Back2Black“ е раскажана преку ексклузивен фото-едиторијал во кој акцентот е на уметничката нишка што го поврзува исклучително уникатниот дизајн на секоја од креациите кај кои деликатната изведба на кроевите, совршено дефинираните детали и препознатливата дизајнерска естетика на брендот, се носечкиот предзнак.