Магазин
Филмот „Барби“ заработи над милијарда долари
Филмот „Барби“ заработи милијарда долари само 17 дена откако се појави во кино салите, што е првпат филм во режија на жена режисер да оствари толкав профит.
„Никој освен Грета Гервиг не можеше да ја оживее оваа меѓугенерациска икона и нејзиниот свет во една толку смешна, емотивна и забавна приказна, која го обои целиот свет во розова боја“, рече Џефри Голдстајн, претседателот на дистрибуцијата во компанијата Warner Bros.
Тој изјави дека долгите редици во кината и гледачите кои се враќаат повторно да го гледаат филмот „докажуваат дека филмовите се вратија“ откако кино индустријата беше погодена од пандемијата поради вирусот „Ковид-19“ и порастот на популарноста на платформите за стриминг, пренесува BBC.
Пред „Барби“ сè уште се три филма во корежија на жени, вклучувајќи ги „Frozen“ на Џенифер Ли (1,3 милијарди долари) и „Frozen 2“ (1,45 милијарди долари) и „Captain Marvel“ на Ана Боден (1,1 милијарди долари).
Филмот со Марго Роби и Рајан Гослинг во главните улоги досега има заработено 459 милиони долари во САД и 542 милиони долари во другите земји низ светот.
Сепак, „Barbilliard“, како што е опишана заработката од милијарда во Warner, не може да се нарече подвиг, бидејќи пет филмови веќе го постигнаа истиот успех по пандемијата, а тоа се: „Spider-Man: No Way Home“, „Top Gun: Maverick“, „Jurassic World Dominion“, „Аvatar 2“ и „The Super Mario Bros. Movie“.
BBC наведува дека маркетиншката кампања која и претходела на прикажувањето на филмот била многу успешна и дека многу гледачи често го гледале „Барби“ заедно со „Oppenheimer“ на режисерот Кристофер Нолан.
Заедно со филмот излезе и албум со музика од филмот, а беа склучени повеќе од 165 партнерски кампањи со различни производители во светот и покрај тоа што компанијата „Mattel“ која ги произведува куклите „Барби“ објави дека продажбата на кукли е намалена за 12 отсто до крајот на јуни.