Занимливости
ФОТО: Огромни црвени гаќи обесени на Претседателската резиденција во Прага
Чешката „герилска“ уметничка група „Зтоховен“, на Претседателската резиденција во Прашкиот замок „Храдчани“, наместо чешкото знаме закачи огромни црвени гаќи.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, авангардниот тим на уметници со гаќите, за кои тврдат дека му припаѓаат на чешкиот претседател Милош Земан, сакаа на ироничен начин да го покажат својот став кон шефот на државата.
– Над Прашкиот замок се вее знамето на мажот, кој не се срами, се вели во соопштението на „Зтоховен“, кој видеото со симнувањето на знамето го стави на интернет.
На уметниците, не им се допаѓаат повеќе ставови и реакции на претседателот, меѓу другото и неговото несогласување децата со пречки во развојот да учат со другите деца.
– Имам само зборови на презир и одвратност, напиша на Фејсбук, Јиржи Овчачек, шефот на Кабинетот на Земан, додавајќи дека чешката средина се фашизира и се губи почитта кон државните симболи, симболите на чешките кралеви и чехословачките и чешките претседатели.
Групата ,,Зтоховен” е позната по своите настапи во знак на протест за општествените случувања. Меѓу најпознатите е нивното вклучување во телевизиската програма на државниот чешки канал со симулирана атомска експлозија.