Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Ги убиле своите родители пред 30 години, a по серијата на Нетфликс тие би можеле да бидат ослободени

Магазин

Ги убиле своите родители пред 30 години, a по серијата на Нетфликс тие би можеле да бидат ослободени

Ерик и Лајл Менендез, браќата кои беа осудени за убиство на нивните родители пред повеќе од три децении во случај што ја шокираше Америка, треба повторно да се појават пред судијата и да добијат можност за условно ослободување, рече окружниот обвинител на Лос Анџелес.

Убиството на Кити и Хозе Менендез во 1989 година во нивната вила во Беверли Хилс со години ја интригира американската јавност, а неодамна инспирираше популарна серија на Нетфликс.

Окружниот обвинител на округот Лос Анџелес, Џорџ Гаскон, во четвртокот изјави дека новите докази бараат преиспитување на нивните доживотни затворски казни. Ерик Менендез (53) и Лајл Менендез (56) моментално отслужуваат казна без можност за условно ослободување во затвор во Калифорнија. Сепак, тие имаат уште долг пат до нивното конечно ослободување.

Судијата ќе одлучи дали браќата ќе добијат нова казна, а одборот за условно ослободување треба да оцени дали по повеќе од 30 години ќе им биде дозволено да го напуштат затворот. Браќата Менендез, како и членовите на нивните семејства, не биле однапред информирани за одлуката на Гаскон. „Верувам дека браќата биле изложени на тешка дисфункција и злоупотреба во семејството“, рече Гаскон, додавајќи дека иако нема оправдување за убиството, тој верува дека го платиле својот долг кон општеството.

За време на нивното судење во 1990-тите, обвинителите ги прикажуваа како богати млади луѓе кои ладнокрвно ги планирале убиствата за да стигнат до семејното богатство. Сепак, нивната одбрана тврдеше дека браќата со години биле жртви на емоционална, физичка и сексуална злоупотреба и дека дејствувале во самоодбрана.

Нови докази за сексуална злоупотреба се појавија во случајот Менендез. Еден од новите докази е писмото што Ерик Менендез наводно го испратил до член на семејството во 1988 година, во кое се опишува злоупотребата што ја претрпел од рацете на неговиот татко, Хозе. Друг доказ доаѓа од тогашниот малолетен член на порториканскиот машки бенд Менудо, кој изјавил дека Хозе Менендез, тогашниот директор на дискографската куќа RCA, го дрогирал и сексуално го злоставувал за време на посетата на домот на Менендез.

Случајот започнал на 20 август 1989 година, кога браќата, тогаш на возраст од 18 и 21 година, повикале полиција и пријавиле дека ги пронашле телата на нивните родители по враќањето дома.

Гаскон најави дека неговата канцеларија во петок ќе достави до судот препорака за повторно изрекување на казната, која ќе вклучува докази за полесна казна. Во следните 30-45 дена се очекува да биде закажано рочиште на кое судијата ќе ги разгледа новите докази и ќе одлучи за можноста за условно ослободување. Браќата би можеле да присуствуваат на сослушувањето.

Се очекува рочиштето да биде контроверзно. Гаскон призна дека случајот предизвикува поделби и дека некои членови на неговиот персонал може да се спротивстават на неговиот предлог на суд. Еден член на семејството Менендез, братот на Кити, Милтон Андерсен, остро го критикуваше обвинителот за „политизирање на случајот“, истакнувајќи дека тој веќе ја претрпел незамисливата загуба на својата сестра.

Гаскон рече дека ако судијата ја одобри препораката, браќата Менендез ќе имаат право на условно ослободување поради законите во Калифорнија и нивната возраст во моментот на кривичното дело. Одборот за условно ослободување ќе треба да ја разгледа нивната рехабилитација, а ако одлучи дека можат да бидат ослободени, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, сепак може да ја поништи одлуката.

Рочиштето за случајот е закажано за 26 ноември, но обвинителството се надева дека ќе закаже ново рочиште на кое ќе се расправа за предлогот за намалување на казната.

Браќата Менендез поднесоа барање во мај 2023 година, повикувајќи се на нови докази и барајќи укинување на пресудите. Гаскон рече дека неговата канцеларија го разгледува случајот повеќе од една година, но тој ја донел одлуката дури во четвртокот, еден час пред да одржи прес-конференција за случајот од висок профил.

Повеќе од Магазин

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.