Магазин
Храмот Минакши – една од туристичките атракции во Индија
Издигнувајќи се до 52 метри во височина, 14-те кули на храмот Минакши, се украсени со импресивни прикази од 33.000 скулптури, нагласени со изобилство од интензивни бои.
Овие необични градби привлекуваат туристи од целиот свет.
Сместен во сојузната држава Тамил Наду, на југот од Индија, овој живописен хиндуистички комплекс од година во година привлекува се повеќе туристи. Но не било секогаш така.
Дебелите наноси од емајл, што денес можат да се видат на кулите наречени „гопурами“, се нанесени во последните неколку години по повод прославите на големите верски настани и фестивали.
Секој гопурам има форма на степенеста пирамида, на која се наредени фигури на богови, божици, демони и животни.
Храмовите од комплексот и се посветени на божицата Минакши, аватар (инкарнација на божество) на хиндуистичката божица Парвати – жена на богот Шива.
Бројните фигури ги отсликуваат приказните за битките, а со скулптурите им се одава почит на воините.
Храмовите во градот Мадураи, една од најстариите метрополи во Индија, секој ден се посетени од 15.000 до 25.000 лица, а таму се добива брачен благослов, се једе (на сиромашните бесплатно им се дели храна), се спие или учи.
Првиот храм на Минакши е изграден во VI век пред новата ера, додека главните структури и илустрации се надградени на постојната структура меѓу 16. и 18. век.
Идејата храмот да се закити со живописни бои, меѓутоа, не им се допаѓа на сите. Во последно време се повеќе се засилуваат напорите храмот да се врати во претходните, посмирени сиви нијанси.