Здрав појадок за добро здравје
Сите се согласуваат дека денот треба да започне со појадок, дека овој оброк е многу значаен за нашето здравје и дека поради тоа не треба да се прескокнува ниту кога брзаме или имаме чувство дека не сме гладни.
Она околу што постојат различни мислења е самиот концепт на појадок, дали треба да биде базиран на јајца и млечни производи, овошје и зеленчук, или житни растенија, или, пак, треба да биде микс од сето тоа. Во секој случај, познат е и списокот на препорачаните намирници за утринската трпеза, на кој се наоѓаат леб од цело зрно, овесна каша, банана, зрнесто и сезонско овошје, јогурт, јајца.
Она околу што сите се согласуваат е избегнувањето на т.н. „празен појадок“, зашто е нездрав и прилично бескорисен. Пример за нездрав појадок е леб од бело брашно намачкан со маргарин, масно пециво, разни индустриски грицки, чипс, пица и слично. Појадокот треба да ни ја даде потребната енергија и да го забрза метаболизмот, па се смета за здрава навика на која треба да ги навикнуваме и децата од мали нозе. Најдобро е да се јаде дома, на мир, а не по пат, во брзање и никогаш не се наслонувајте на купување брза храна. Еве неколку примери за здрав појадок.
ОВЕСНА КАША: Содржи бета-глукан, омега 3 киселини, фолна киселина, калиум и влакна. Не треба да се јаде со шеќер, но може да се заслади со мед, зрнесто и суво овошје, односно да се збогати со ситно сечкани јаткасти плодови, како ореви, бадеми, лешници. Вкусна е и ако ѝ се додаде ленено семе, сусам или сончоглед. Може да се свари, колку да омекне, или да се помеша со јогурт.
БАНАНА: Содржи доволно скроб кој дава чувство на ситост, плус шеќери сахароза, фруктоза и глукоза, белковина триптофан која го поттикнува лачењето на серотонин, витамин Б6, железо, калиум и влакна. Може да се консумира исечкана на тркалца во овесна каша, или исечена по должина со интегрално парче леб намачкано со путер од кикиритки, или некој сличен намаз од лешник, бадем.
ИНТЕГРАЛЕН СЕНДВИЧ: Помеѓу две тенки парчиња интегрален леб ставете едно парче немасно сирење, лист зелена салата, неколку тркалца домат и исечено варено јајце. Вака подготвениот сендвич му ги дава на нашиот организам сите потребни нутритиенти за повеќе часа и неопходната енергија за работа, па е добар и за да се „понесе со себе“.
ЈАЈЦЕ: Без разлика дали е готвено, подготвено „на око“ или како кајгана, јајцето е здрав извор на протеини и витамин Д. Може да се консумира со сезонски зеленчук (домат, зелена салата), а во комбинација со печурки и интегрален леб претставува силен и здрав оброк кој ни дава многу енергија.
ЧАЈ И КАФЕ: Билни чаеви во кои сте ставиле мед и сте додале неколку капки лимон се одличен пијалак за „добро утро“, а кафето без шеќер е корисен пијалак кој не треба да се пие на празен стомак, туку после појадок.
Појадокот не мора и не треба да биде секогаш ист, но треба да биде подготвен од здрави намирници и приспособен на здравствената состојба, работните напори и возраста.