Занимливости
ИСТРАЖУВАЊЕ: Загадувањето на воздухот нѐ прави поглупави
Дологотрајната изложеност на загаден воздух предизвикува големо намалување на когнитивните способности и интелигенција, е утврдено во американско-кинеското истражување, објавено вчера во научниот магазин „Proceedings of the National Academy of Sciences“.
– Изложеноста на големо загадување на воздухот може да предизвика намалување на когнитивните способности еднакви на губење една година образование, изјави Си Чен, еден од авторите на студијата, за „Гардијан“.
Со истражувањето се проучувани математичките и вербалните вештини на околу 32 илјади лица во Кина во текот на четири години, од 2010 до 2014. Научниците соопштија дека негативното влијание на загадениот воздух се зголемува со возраста на испитаникот, а најмногу ги погаѓа помалку образованите повозрасни мажи.
Една од причините што загадувањето на воздухот најмногу ги погаѓа послабо образованите возрасни мажи е тоа што тие најчесто работат физички работи на отворено, појаснија научниците.
Научниците нагласија дека резултатите од истражувањето имаат глобална важност, бидејќи дури 95 отсто од светската популација вдишува загаден воздух.
Истражувањето покажа дека загадувањето на воздухот, исто така, го зголемува ризикот од дегенеративни болестио како што Алцхајмеровата и други облици на деменција.
Поради загадување на воздухот, во светот секоја година прерано умираат седум милиони луѓе.