Магазин
Кралот Чарлс им честиташе на фудбалерите, и порача: „Обезбедете победа без драматични пенали“
Кралското семејство деновиве е посветено на Европското фудбалско првенство. По победата на Англичаните над Холанѓаните и пласманот во финалето, на честитките се приклучи и кралот Чарлс кој испрати убава порака до националниот тим. Се е објавено на кралскиот официјален Инстаграм профил.
„Мојата сопруга и јас се придружуваме на целото наше семејство за да ви ги испратиме нашите најсрдечни честитки за пласманот во финалето на Европското првенство и нашите најдобри желби за натпреварот во недела“, се вели во соопштението. Кралот малку се пошегува и продолжи: „Ако можам да ве охрабрам да обезбедите победа пред да има потреба од чудесни голови во последен момент или уште една пенал драма. Сигурен сум дека стресот, отчукувањата на срцето и крвниот притисок на нацијата значително ќе се намалат.”
„Кралот зборува за сите Англичани“, „Ми се допаѓа оваа порака“, „Одличен британски хумор“, беа дел од коментарите. Еден од следбениците дури се пошегува и праша дали, доколку победат, понеделник може да биде неработен ден.
Принцот Вилијам исто така е страстен навивач на англиската репрезентација. Тој го следеше натпреварот меѓу Англија и Швајцарија во четврт-финалето на Европското првенство. Додека седеше на трибините Принцот Вилијам правеше гримаси, навиваше и скокаше од радост додека ги гледаше трите лава како се борат до победата на пенали против Швајцарија.
Принцот Вилијам се очекува да ја бодри репрезентацијата во финалето, како претседател на Фудбалската федерација на Англија. Момците на Саутгејт во недела на 14 јули од 21:00 часот ќе го играат финалето против Шпанија на „Олимпискиот стадион“ во Берлин.